Починатата Борјанка Николова ја затекнал падната на скалите во купатилото, како лежи со главата свртена кон подот. Сакал веднаш да пријави во полиција, но немал кредит на телефонот… Ова е дел од исказот на 74-годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиството на 79-годишната Николова во неговиот дом.
Според него, истата вечер двајца млади луѓе му ставиле вреќа на глава и го врзале за дрво, а потоа почнале да копаат дупка во неговиот двор. Седумдесет и четиригодишниот Асанов го спомна и неговиот очув кој им се придружил на двете лица и му се заканил да молчи, во спротивно ќе го запалат.
Тој побара од судијката Јулијана Недкова да му изрече ослободителна пресуда, бидејќи, како што рече, „никогаш во животот ни кокошка не заклал, а камоли човек:” Инаку за починатата Борјанка изјави дека ја познавал само три месеци и често спиела кај него. Асанов денеска пред судот го смени првичниот исказ даден пред истражните органи.
Вештакот од судска медицина посочи дека од обдукцијата на дел од трупот, жртвата имала скршени осум ребра, а повредите на градниот кош укажуваат на силен притисок, најверојатно нанесен со колено. Нејзиното тело е пронајдено најмалку две недели по смртта, а недостасувале главата и нозете кои биле отстранети по настапувањето на смртта.
Идентитетот на жртвата бил потврден преку ДНК анализа. Судскиот процес продолжува на 21 април во штипскиот Основен суд со завршни зборови на одбраната и обвинителството.
Викторија Јованова
