Вести Економија

Филипче: Историски пад од 61% на странските инвестиции во 2025 година, дебакл на Мицкоски, не го прифати предлогот за зголемување на минимална плата

Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, странските инвестиции во 2025 година се намалени за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024-та година, тоа е резултатот на економската политика на оваа влада, едноставно дебакл, нагласи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека македонската економија тоне, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај.

-На економски план се случуваат консекутивни работи коишто ние ги најавивме и на коишто укажуваме. Последните податоци од Народната банка покажуваат драматичен пад на директните странски инвестиции од, внимавајте, 61%. Односно, во 2024 година, како резултат на сите економски политики од Владата на СДСМ изминатите седум години, има кулминација и највисока рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025-та година само 467 милиони евра. И тоа е практично резултатот на економската политика на оваа Влада на премиерот – едноставно дебакл, рече Филипче.

Тој додаде дека овие бројки се сериозен удар врз екномијата но и врз намалување на бројот на работни места.

-За време на владите на СДСМ, 16 нови фабрики се отворија како резултат на директни странски инвестиции – гиганти како Гересхајмер, Магна, Леар, ДНЗ. Се генерираа над 10.000 работни места само во технолошко-индустриските развојни зони. Разликата е кристално јасна, ние отвoравме фабрики, се отвoраа работни места со добри и високи плати, а сега работниците се оставени во ризик и со егзистенцијални проблеми, рече Филипче.

-Македонската економија тоне, граѓаните едвај врзуваат крај со крај.Ова е резултат на политиката на оваа Влада, една тотална негрижа за државата во целост, за работниците, за квалитетот на живот. Има пари само за тендерите коишто водат до високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ блиски до премиерот Христијан Мицкоски. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 за трета фирма којашто е блиска до власта.За оваа власт сè ова е само еден голем приватен бизнис и ништо повеќе. Само криминални тендери, само интерес на една мала група на луѓе во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека власта не прифати ниту еден предлог од СДСМ, за поддршка на граѓаните.

-Дадовме предлог за зголемување на минималната плата, опишавме како тоа да се направи, од кои ставки во буџетот коишто значат само луксузирање може да се добијат тие пари, но власта тоа не го прифати. Сè уште се на идејата да купат, замислете, нов владин авион. Сметаат дека во ваква лоша финансиска состојба, кога нема ниту една мерка во корист на работниците, тие треба да се грижат само за сопствениот комодитет, рече Филипче.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе