Хрватска и Унгарија се првите земји од ЕУ кои најавија олеснување за транспортерите кои веќе се соочуваат со проблеми поради најновите ограничувања на времето за престој во шенген просторот. Додека најавите на Унгарија се однесуваат на олеснување само за српските превозници, Хрватска нуди конкретно решение преку измена на законот за странци, со кое што ќе им се овозможи на професионалните возачи од трети земји, кои се формално вработени во компании регистрирани во Хрватска, да добијат долгорочна виза.
Токму тоа беше истакнато и на вчерашниот состанок на работната група со претставници од Европската комисија и земјите од Западен Балкан. Преодно решение засега нема. Претставниците на работната група нагласија дека евентуална флексибилност или олеснување е можно само на национално ниво за што одлучува секоја ЕУ членка засебно, а не преку директна измена на заедничкото правило за премин на границите и времетраењето на престојот во шенген зоната.
„Вистина е дека Хрватска е прва и единствена која што презема иницијативи за помош и поддршка за сите нас од Западен Балкан. Ние ќе имаме состанок со работната група од Македонија во понеделник, каде што ќе ни бидат пренесени деталите од сите разговори и предлози кои што се дадени за да видиме за што се работи и на кој начин би се помогнало за возачите полесно да ги извршуваат своите работни задачи“, вели Биљана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата на превозници во Македонија „Макам-транс“.
Според информациите со кои располага асоцијацијата, досега само еден професионален возач од Македонија го надминал дозволениот престој за само три дена, но тоа резултирало со казна од 150 евра, а Германија му овозможила доброволно да ја напушти државата со можност да го дочека својот колега во кабината на возилото. Чудно е, велат транспортерите, што контроли почнале да се спроведуваат и на паркинг плацови на фабриките каде што се товарат возилата.
Негативните ефекти веќе се видливи, велат транспортерите.
„Кај нас во транспортот многу е важен обртот бидејќи ние немаме стока да ставиме на залиха, туку ако возилото се движи и превезува стока ние работиме. Ако стои, тоа значи дека немаме од што да ги надоместиме трошоците кои ги прави возилото и кога стои, бидејќи ние однапред плаќаме регистрации, секој возач кој што го ангажираме мора да добие дневница или плата, има различни осигурувања, зелени картони, ЦМР итн. Значи, има доста трошоци коишто се плаќаат на годишно ниво, а се покриваат од секој превоз што ќе го направиме. Што значи, досега имавме 30 отсто намалување на користење на капацитетите заради недостиг на работна сила. Како ќе поминува времето, ако не се најде тој преоден период, многу повеќе ќе има. Меѓутоа, не е штетата само наша, штетата е и на сите оние клиенти со кои работиме, корисници на превозот, бидејќи ефикасноста не е толку голема колку што би очекувале, особено ако на пример тоа возило биде запрено, па вратен возачот, и би се изгубило минимум седум дена додека се најде решение да се прати нов возач да се заврши превозот, што значи дека некој што ќе ја чека стоката во Западна Европа или во Македонија и производството ќе се запира затоа што не може да стаса стоката на време за да се продолжат тие сите циклуси производни, трговски, во продавниците итн.“, вели Муратовска.
Транспортерите апелираат на изнаоѓање преодно решение кое што би било од корист за целокупната економија, бидејќи тие се многу значајна алка во синџирот за снабдување.
Едно од можните решенија за кои се залагаат е да се изземени од ова правило по примерот со екипажот во бродскиот, железничкиот и авионскиот превоз.
Доколку нема напредок во преговорите со цел непречено да се овозможи нивната работа, транспортерите од Западен Балкан најавуваат нови протести и блокади на граничните премини, како што веќе се случи кон крајот на јануари.
Мирјана Јовеска
