Синдикалната кошничка ќе биде тема на седницата на Економско-социјалниот совет која ќе се одржи во понеделник. Министерот Бесар Дурмиши за МИА изјави дека Владата изготвила кошничка, но дека се уште се чека ставот на работодавачите и синдикатите.
На седницата на ЕСС ќе биде објавена и точната сума за колку ќе се зголеми минималната плата.
„Просечната потрошувачка кошничка веќе беше ставена на дневен ред на ЕСС, но одговор – предлози, забелешки, сугестии од другите две страни, работодавачите и синдикатите, сè уште немаме. На оваа седница, што ќе се одржи на 2 март, повторно ќе ја ставам на дневен ред за да ја дискутираме. На крајот, кога ќе ја финализираме, ќе биде објавена пред јавноста потрошувачка кошничка која ќе се базира на реалните податоци од релевантните институции. Нема да имаме некоја потрошувачка кошничка направена од некој професор или од некои луѓе што не се релевантни, односно не се проверени од институциите. Да не им сееме магла на граѓаните, туку реално да знаат колку пари треба да има едно четиричлено семејство за да помине еден месец“, рече Дурмиши.
Тој додаде дека Владата досега зборувала за синдикалната кошничка и ги кажала своите забелешки.
„На пример, тие ги објавуваат податоците 10 дена пред да заврши месецот, ги земаат предвид највисоките цени на прехранбените производи, ги пресметуваат и трошоците за кирија. Според пописот во 2021 година, 90 отсто од нашето население живее во сопствен дом“, рече министерот.
Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата, го повтори ставот дека Владата ќе го поддржи секое решение што ќе го договорат работодавачите и синдикатите.
Т.Д.
