Без отворени билатерални прашања, со можност за зголемена економска соработка и инфраструктурно поврзување, но со меѓусебно укажување за третманот и проблемите кои ги имаат малцинставата од едната во другата земја, е сублиматот од средбата на двајцата претседатели на Македонија и на Албанија, Гордана Сиљановска Давкова и Бајрам Бегај, во Скопје.
Бегај притоа потенцираше дека во животот се учи од минатото и дека само балансирани решенија и одлуки се основ за доверба.
Шефицата на македонската држава, пак, рече дека е свесна за проблемот кој го имаат Македoнците во Албанија, кои се противат на градење бегалски кампови таму каде што тие жиеват.
Двајцата претседатели иднината на двете држави ја гледаат во Европската унија, при што Сиљановска Давкова го повтори ставот дека нема уставни измени без гаранции, но и дека билатерализацијата на процесот со ставање историски и идентитетски теми на маса ќе го комплицира пристапувањето на сите змеји-кандидати.
Бегај од своја страна го потенцираше значењето на Коридор 8 за кој рече дека не е само пат на поврзување, туку пат на безбедност, на кој Албанија и Македонија се во центарот.
И двајцата претседатели не сакаа да ги коментираат информациите за прием во ЕУ на земјите од Западниот Балкан во 2027 година, но без право на глас, со став дека ќе зборуваат за тоа кога ќе биде и официјлано ставено на маса како предлог.
Тамара Грнчароска
