Изолиран инцидент или последица на прогледување низ прсти на одговорните во училиштето и родителите на четвртоодделенецот кој извади нож на час. Родителите на соучениците и надлежните со различни ставови.
Директорката на училиштето вели дека настанот е пријавен во полиција и во центарот за социјални работи, земена е писмена изјава од мајката која тврди дека таа случајно го ставила ножот во чантата на нејзиниот син и од нив е побарано да достават официјални документи од надлежна државна институција за проценка на способностите на својот син, пред да се преземат натамошни чекори и одлуки. Потврди дека е втор инцидент од истиот ученик и дека тој минатата година нападнал соученик со посебни потреби и оттогаш со него работат педагог, психолог и дефектолог.
„Детето уште во прво одделение е детектирано дека отстапува од некои сегменти и истото им е соопштено на родителите. За жал, ние немаме законска обврска со која би ги задолжиле дека тие мора да го однесат детето во релевантна институција да се направи МКФ проценка за да може да постапуваме и да му помогнеме на детето. На родителите им беше дадено писмо во кое препорачуваме да одат на проценка на ученикот. Доколку ние ја имаме проценката, тогаш училиштето би можело да побара, ако е потребно, образовен асистент, за да се даде асистенција и поддршка на ученикот“, изјави Билјана Билбиловска, директорка на Општинско основно училиште „Киро Глигоров“.
Просветниот инспекторат направил вонреден надзор во кој е утврдено дека е постапено согласно протоколите и училиштето ги презело сите мерки кои им стојат на располагање. Од МОН велат дека ќе го следат случајот, иако тоа е обврска на општинските власти.
„Инспектори беа во училиштето. Констатираа дека училиштето постапило според правилникот за вакви случаи. Информирале полиција, информирале социјални служби, повикани се родителите на разговор, повикан е педагог и стручната служба да разговараат со родителите и со ученикот. Детето треба да оди на функционална проценка, родителите треба да го однесат и доколку е потребно да се додели образовен асистент или да се пренасочи детето во соодветно училиште“, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски утрово имаше средба со родителите на детето кое минатата година беше нападнато од ученикот, како и со директорката на училиштето на која ѝ се дадени насоки за постапување и дека ќе го разгледа извештајот на просветниот инспекторат.
Родителите на соучениците остануваат на ставот дека 10-годишното дете има проблеми кои ескалираат и дека е потребно надлежните во училиштето да преземат итни мерки во интерес на сите ученици во одделението и во училиштето.
Огнен Чанчаревиќ
