Минатата година во казината, автомат клубови и спортски обложувалници во Македонија, македонските граѓани и странските државјани уплатиле вкупно 2,83 милијарди евра. Податоците што „Телма“ ги доби од Управата за јавни приходи (УЈП) покажуваат дека најмногу пари играчите оставиле на автомати, дури две милијарди евра. По нив следуваат казината со вкупни уплати од скоро 607 милиони евра, додека во спортските обложувалници се уплатиле нешто над 216 милиони евра.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) неодамна презентираше резултати од истражувањето спроведено во Македонија во 2024 година од страна на европската иницијатива ЕСПАД, која ги следи трендовите кај адолесцентите. Опфатени биле 2831 ученик од 96 средни училишта.
Истражувањето покажа дека во последната година секој четврти ученик се коцкал за пари, при што со физичко присуство се коцкале 21 отсто од испитаните ученици, додека онлајн тоа го правеле 15 отсто од нив. При тоа, алармантно е што проблематичното коцкање кај тие што го прават тоа се зголемило од 4,5 проценти во 2019 година на 7,6 проценти во 2024 година.
Од ИЈЗ посочија дека добиените податоци се одраз на секојдневието на младите, нивниот избор и средината во која растат.
Граѓанската иницијатива ги оцени ваквите бројки како поразителни и катастрофални, а преку „Гугл“ ги мапираше обложувалниците, казината и слот-клубовите во општина Центар, каде нивната бројка изнесува околу 60.
-Како иницијатива ‘Шанса за Центар’ сметаме дека главниот проблем е сериозната загрозеност на здравјето на граѓаните кое што директно потекнува од големата бројност и достапност на овие објекти до живеалиштата, работата и средината во која што живееме.
Тука е и истражувањето на ХОПС во 2024 година според кое се испитувала зависноста од коцкањето. Биле опфатени три земји: Македонија, Косово и Србија, каде што испитаниците биле помали од 25 години. И во овие испитувања се видело дека 75 отсто од испитаните младинци имале веќе искуство со игрите на среќа, а 25 отсто веќе пројавувале симптоми на зависност.
Овие истражувања се важни според кои би требало да се носат политики базирани на докази. Значи, претстојните промени на законите и правилата треба да се базираат на овие истраживања кои што доаѓаат баш од нашиот терен“, вели Светлана Карбевска, членка на иницијативата „Шанса за Центар“.
Реакции има и од здружението „Антикоцкање“.
-Немаме одговор уште од овцаа нова влада. Од септември 2024 година немаме никаков одговор. И слободно можеме да речеме дека ова беше една од најактуелните теми за време на кампањата, имаше големи ветувања, меѓутоа може да се рече дека апсолутно ништо не е направено, вели Џемал Абдиу, член на здружението „Антикоцкање“ од Тетово.
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници во Македонија велат дека од индустријата со игри на среќа во буџетот на државата се слеваат околу 300 милиони евра на годишно ниво, а секторот директно вработува околу 10.000 лица. Оттаму велат дека немаат ниту потреба ниту интерес од малолетниците. Тврдат дека ја контролираат возраста на играчите во обложувалниците, а и самите бараат построги казни како за приредувачите на игри на среќа, така и за малолетниците кои ќе се затекнат таму и нивните родители, односно старатели. Но, дислокацијата, велат, не е решение. Напротив, отвара други проблеми.
-Индустријата како индустрија не е генерално проблем, не била проблем. Таа постои секаде, постои и кај нас и ќе продолжи да постои. Единствен проблем е да најдеме вистинско заедничко решение, значи да не се постапува на решавање на проблемот да кажеме на популистички начин, туку вистински да се седне и да се разговара со сите засегнати страни.
Дислокацијата, значи, постојат многу свески студии кои што се правени на таа тема и никаде не покажува дека локацијата на приредувачите на игри на среќа има врска со навиката и со обемот на играње кај играчите. Значи, тоа апсолутно сме го елаборирале многуи пати и пред јавбноста и пред институциите сè со цел да најдеме решпение што ќе биде сеопфатно значи и за приредувачите и пред сè за заштита на граѓаните. Дисокацијата само може да остави простор на некој начин да се тргнат легалните и ќе остави простор да се развијат нелегалните приредувачи на игри на среќа. Значи, ќе се игра кај нелегални приредувачи, ќе се игра по подруми, ќе се игра во небезбедни услови и тоа ќе претставува уште поголем ризик за играчот отколку во легална индустрија. Тоа е светски покажано и докажано. Имавме еден таков случај и во соседна земја, Албанија, пред 3-4 години ги забрани комплетно за пред скоро време да го врати законот назад бидејќи се соочи со огромен проблем со нелегално приредување и со енормни криминални активности, вели Васко Илијевски, претседател на Асоцијацијата на спортски обложувалници во Македонија.
Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа, пак, велат дека токму оваа индустрија е една од најрегулираните во земјава.
-Приредувачите на игри на среќа законски се задолжени со посебна давачка од 23 проценти, од кои еден и пол процент оди во јавното здравство, еден и пол процент оди во Министерството за млади и спорт, додека преостанатите 20 проценти директно се влеваат во буџетот. Дополјнителни давачки кои што ги плаќаат приредувачите на игри на среќа се 10 отсто персонален данок, 15 отсто на секоја исплатена награда и дополнително на ова треба да се земат предвид платите кои се исплаќаат за овие 10.000 вработени и придонесите за истите. Дополнително, исто така, приредувачите на игри на среќа преку своите активности преку закупи, преку набавка на мебел, угостителски дејности плаќаат ДДВ, меѓутоа истите, како гранка, немаат право на поврат на ова ДДВ“, вели Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.
Од Владата информираат дека се работи на донесување нов Закон за игри на среќа, што би требало појасно да ги регулира состојбите и односите во областа на игрите на среќа и да обезбеди поголема заштита на граѓаните.
-Новиот Предлог- Закон за игрите на среќа и забавните игри е предвидено да воспостави појасно регулирање на состојбите и односите во областа на игрите на среќа и забавните игри, како и поголема заштита на граѓаните. Со ова законско решение дополнително се разгледува опцијата за воведување на дистанца на деловните простории за приредување на игри на среќа од основни и средни училишта и да се зајакнат механизмите за контрола на приредување и ширењето на игри на среќа. Дополнително, се предвидува да се зголемат сите давачки и надоместоци за игрите на среќа, да се воведуваат дополнителни процедури во насока на добро корпоративно управување, ни одговорија од Владата.
Претходно веќе имаше обиди за законски измени со кои што требаше да се дислоцираат обложувалниците и објектите во кои се приредуваат игри на среќа. Иако пратениците пред две години го изгласаа законот, сепак тогашниот претседател Стево Пендаровски не го потпиша указот со образложение дека измените биле донесени несоодветно – по брза постапка и употреба на европско знаменце.
Освен засегнатите бизнис страни, за носењето на такво законско решение во 2023 година реагираше и тогашниот амбасадор на Австрија во земјава, кој во писмо до тогашната власт побара исклучоци од ограничувањата за австриските компании. Министерството за надворешни работи на Австрија се огради од ова, а тамошните медиуми го окарактеризираа ваквиот потег за скандалозен.
Мирјана Јовеска
