Генерално има две политички опции на среден рок кон кои што ќе се движи Вреди – или ќе соберат сили тоа Движење или таа коалиција да ја направат партија која што ќе биде пандан на ДУИ или ќе продолжат да функционираат така што ќе се создаде јаз, ќе се продлабочува и на крај може да доведе до нивен распад, истакна аналитичарот Владимир Божиновски во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Позитивно е што тие го започнаа тој процес. И на нив им е јасно дека мора на некој начин да се создаде помоќна политичка структура која што ќе ги обедини тие три или четири политички партии кои штои дел од тоа Движење. Сè уште не знаеме дали ќе успеат, но направен е првиот исчекор, веќе се говори за тоа“, вели Божиновски.
Според него, многи помалку важно е дали ќе има копретседателство или ротација на претседателство.
„Тоа е процес. Доколку тие успеат да се согласат за ново раководство на таа нова партија што ќе биде, потоа мислам дека полесно ќе може да се движи и во структурите надолу. Друг фактор што им оди во прилог е што тие во моментот се на власт. Секогаш кога сте на власт е многу полесно да се договорите, бидејќи секој сака да остане на власт, никој не сака да оди во опозиција“, потенцира Божиновски.
С.Д.
