Предлогот на собраниската комисија, професорот Гоце Наумовски, кој е и надворешен советник за правни работи на премиерот Христијан Мицкоски, да биде уставен судија предизвика реакции во јавноста. Додека партиите се препукуваат кој го партизира судството, во јавноста се наметна дилема, не за неговите квалификациите, туку околу прашањето за независноста.
Поранешната судијка во судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска упатува на стандардите на ЕСЧП според кои битна е перцепцијата за непристрасност, т.н. објективен изглед. Без да коментира дали Наумовски одговара за позицијата уставен судија, смета дека тоа што е советник на премиерот и предложен е од владеачкото мнозинство, остава впечаток во јавноста дека се предлагаат кандидати блиски до власта.
„Големо е прашањето колку се сака во државата, да се има независно и непристрасно судство. Она што се напаѓаше цело време сегашната опозиција, во суштина сега се прави истото. Самата позиција како совентик упатува на овој стандард за кој што зборував и државата особено во оваа ситуација кога има поплаки за непостоење на незавиност и непристрасност на судството, треба повеќе да се внимава“, укажува Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во ЕСЧП.
Наумовски е професор на катедрата по римско право на правниот факултет „Јустинијан Први“ и брат е на екс вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски. Вчера, претседателот на комисијата за избори и именувања, Сајковски го предложи и посочи дека има импресивна биографија и кредибилитет за уставен судија и ќе го штити уставот и интересите на граѓаните. Без дискусија и со мнозинство гласови беше утврден како предлог до Собрнаието.
Ако биде избран, ќе седне во испразнетото место на професорката Јадранка Дабовиќ која во декември поднесе оставка. Во мометот тече и оглас за пополнување на уште едно место на судијката Елизабета Дуковска чиј избор го поништи Управниот суд. Предлогот треба треба да го даде Судскиот совет, а може да се пријават судии со над 20 години стаж.
Елена Ивановска Мукоска
