18-годишниот возач Саит Саитов кој минатиот месец со смртни последици ја прегази 75-годишната Љуба Јаковлеска во скопската населба Капиштец, е уапсен во српскиот град Врање, откри адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на родините кои му помогнаа на Саитов да побегне.
Саитов, откако ја удри жената со автомобилот , избега од местото на несреќата, а потоа и од државата, со помош на неговиот татко и роднини.
-Лицето ќе биде екстрадирано од Србија во Македонија. Најверојатно е приведен и неговиот татко, вели Давидовиќ за Претрес.
Според адвокатот, роднините тврделе дека не знаат оти младиот Саитов прегазил жена, кога го пренеле преку граничниот премин „Табановце“.
-Им верувам на моите клиенти дека не знаеле дека превезуваат сторител на такво тешко кривично дело. Мажот работи во Дирекција за заштита и спасување и е родител на дете со посебни потреби и за набавка на суплементи често патувал во Србија, рече адвокатот Давидовиќ.
Од МВР ја потврдија веста од каде велат дека Саитов во Белград е лишен од слобода и му е одреден екстрадициски притвор и следува постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави, со цел негово екстрадирање во Македонија и изведување пред лицето на правдата.
–На 11.02.2026 од страна на надлежните служби во Србија известени сме дека во Белград е лишен од слобода Саит Саитов од Скопје, кој се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР, под сомнение за извршени тешки кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, за кривично-правен настан кој се случи во Скопје на 09.02.2026, информираат од МВР.
