Два и пол часовна блокада на една од главните раскрсници во Струмица. Екоактивистите го запреа сообраќајот низ струмичките улици за да упатат апел дека загадувањето на воздухот не е заборавена тема. Најавија вакви протести на секои две до три седмици, сè додека не почнат инститиуциите сериозно да се занимаваат со ова прашање.
„Свесни сме дека само со постојан притисок и само со укажување и запознавање на луѓето со проблемите ќе имa некакви конкретни промени. Нашите три барања сега се следните. Да почнат со казнување, затворање на објекти, па ако и треба на физички лица, да ги запознаеме за последиците од дишење на канцероген воздух, а третата е да примиме предлози како да делуваме“, рече Стојан Велков – еко- активист.
Екоактивистите се упорни и полни надеж дека нештата може да се променат, а на најгорливите проблеми може да им се најде решение. Мери Костуранова денес силно верува дека градот може да се справи во загадувањето, бидејќи народот нема да се откаже.
„Ако не веруваме, нема да бидеме тука. Имаме надеж и имаме желба да ги средиме работите. Имаме позитивна енергија, единствено останува истот да го видиме истото и од нашите локални институтции, па и од централните“, рече Мери Костуранова, еко-активистка.
Пред неколку седмици, екоактивистите упатија девет барања до локалните и централните институции за преземање на итни черкои против аерозагадувањето. Меѓу нив беа набавка на нови мерни станици, како и уреди за мерење на загадувањето, дронови за лоцирање на загадувачите, камери на дивите депонии, но и вработување на повеќе инспектори за животна средина.
Сузана Мицева
