Александар Мијајловиќ, кој е главниот осомничен како организатор на групата која шверцувала 5 тони марихуана за која властите тврдат дека потекнувала од македонско тло, има фирма за одггедување на марихуана за медицински цели во земјава, пишува Призма. Станува збор за компанијата „Грин лајф“ од селото Јосифово во Валандово, а Телма открива дека нејзин сопственик е белградската фирма „Био Натурал“. Спред јавно достапниот регистар пак газда на 50 отсто од „Био Натуралс“ е токму Мијајловиќ. Во историјатот на македонската фрима воопшто го нема името на Мијајловиќ. Фирмата „Грин лајф“, како што пишувале медиуми во минатото лиценца за одгледување на медицинска марихуана добила во 2019 година.
Основана била една година порано во 2018, а тогаш во сопственичката структура била и фирма од Крушевац, каде беше пронајдена марихуаната. Станува збор за „Расина Инвест“. Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја истражува поврзаноста на запленетите 5-те тони марихуана во Србија со оние 40 тони одземени од неколку фирми за одгледување на медицинска марихуана во земјава, а се сослушуваат и сведоци,
„Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката“, велат од ОЈО ГОКК.
Во акцијата изминативе денови беа запленети над 9 тона марихуана од фирмата „Алфафарм“ во кругот на Охис и околу 30 тони од две фирми во струмичкиот регион. Во Србија беше уапсен Иван Драгниќ, кој е ко-споственик на „Алфафарм“. Во скопската и во струмичките фирми беа констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат. Од МВР не откриваат кога Драгниќ последен пат бил во земјава и ја напуштил границата.
Српските надлежни органи тврдат дека марихуната пристигнала од македонско тло, а клучното прашање е кој е се вмешан, со оглед на фактот дека еден од уапсените Раде Спасојевиќ на чиј имот беше пронајдена марихуаната е локален функционер на владејчката Српска напредна партија.
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека не се знае дали марихуаната излегла од земјава и најави дека ќе се проверува секоја фирма за одгледување на марихуана за медицински цели, а одлуката ќе биде донесена на претстојната владина седница во вторник. Очекува поголема заплена до сто тони медицинска марихуана.
Марија Митевска
Дигитална обработка: Т.Д.
