Четири лица од велешката касарна се заразени со шуга и се пратени на домашно лекување. Во моментов нема никој во изолација, бидејќи кај останатите припадници не се забележани симптоми. Надлежните информираат дека состојбата се следи секојдневно и нема простор за загриженост.
„Тоа не е карантинско заболување. Потребно е само да биде издвоен болниот и да биде на домашно лекување. Треба да има свој кревет. Друго посебно изолирање не е потребно“, изјави д-р Лариса Оранска, специјалист епидемиолог.
Според епидемиологот кој ги врши прегледите, шугата е донесена од надвор и не потекнува од условите во касарната. Веднаш по појавата на случаите е спроведена дезинфекција и дезинсекција, а присутните добиле насоки за редовно перење на постелнината и лична заштита.
„Инкубацијата на тоа заболување трае од десет дена до шест недели. Ние имаме задача во тој период да правиме секојдневна проверка на сите присутни слушатели на курсот“, додава Оранска.
Првиот случај на шуга бил пријавен во четвртокот, по што лицето веднаш било упатено на домашно лекување. Потоа биле извршени прегледи на сите војници, а оние со кожни промени биле испратени на дополнителни лекарски контроли.
Шугата е паразитска кожна инфекција која се пренесува преку директен близок контакт кожа на кожа и најчесто се јавува во средини со недоволни хигиенски услови. Карактеристични симптоми се осип и силно чешање, а навременото откривање и лекување спречуваат понатамошно ширење.
Тамара Марковска
Дигитална обработка: T.Д.
