Вести Македонија Најважни

Интернет без кочници: кој ги штити децата онлајн?! – Граѓанската „Иницијатива за безбедно детство“ со петицијата бара посебни алгоритми за деца

Лајковите растат, грижата уште побрзо. Зад екранот што светка во детските раце, се отвора прашањето – кој ги штити децата во дигиталниот лавиринт? Граѓанската „Иницијатива за безбедно детство“ ја покренува петицијата што бара јасни правила таму каде што алгоритмите одамна немаат кочници.

Социјалните мрежи се секојдневие за младите, но не и безбедна зона. Дизајнирани да крадат внимание, но кај децата оставаат подлабоки траги: нарушено ментално здравје, онлајн насилство, опасни трендови и содржини што не се за нивна возраст.

Ова го нотираат од Иницијативата и бараат забрана за социјални мрежи за најмалите.

„Со вашиот потпис барате да се иницира законска и практична рамка што ќе вклучува строги ограничувања или целосна забрана за употреба социјални мрежи од страна на деца под 16 години. Во моментов, во нашата држава нема доволно јасни и ефективни механизми за: верификација на возраст, ограничување на алгоритамско таргетирање кон деца, засилена заштита на личните податоци на малолетници и брзо отстранување на штетни содржини“, се вели во извадок од петицијата на „Иницијатива за безбедно детство“.  

Социјалните мрежи не се детска игра, предупредува стручната фела. Дел од психолозите се на став дека иако интернетот е неопходен дел од современиот живот, штетите што ги носат социјалните платформи за децата стануваат сè поочигледни – од непроверени информации и лажни профили, до опасни содржини и ризични онлајн трендови.

Затоа поддршката оди во насока на јасна и строга забрана на пристапот до социјалните мрежи за најмладите, со став дека кога е во прашање менталното здравје, половични решенија не се доволни, вели психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.

„Да, тоа е придобивка на цивилизацијата и супер е сите ние да го користиме, интернетот е навистина нешто што стана неопходно во денешното време. Ама штетите кои ги направија социјалните мрежи, информирањето и достапноста до непроверени информации, достапноста до различни профили, различен тип на луѓе, често предатори и неискрени, често лажговци и луѓе кои ги заведуваат младите, игрите кои ги наведуваат на самоповредување или дури и до суициди, сето тоа би требало да престане да биде достапно за младите“, изјави проф. д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, психолог и психотерапевт. 

Иницијативата не повикува на исклучување на интернетот, туку на вклучување на државата. А,  надлежните со порака – дигиталниот свет не е играчка, но не е ни забранета зона.

Наместо „црвен картон“ и забрана за апликации, Министерството за дигитална трансформација игра на подолгорочна стратегија – знаење наместо забрани, родителство наместо паника.

„Министерството за дигитална трансформација уште минатата година подготви практичен водич за родителска контрола и безбедно користење на интернет и социјални мрежи, кој е дистрибуиран до сите основни и средни училишта во државата. Во овој момент, фокусот нѝ е на едукација, превенција и јакнење на дигиталната писменост, а не на генерални забрани, кои и во регионот се покажаа за неуспешни“, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Од друга страна, пак, а на иста линија со ставовите на психолозите се и граѓаните коишто ги анкетиравме.

  • „Добра е таа идеја. Децата треба на некој начин да се заштитат од лошото влијание на интернетот и различните опции што ги имаат. Не се способни да прават селекција што е добро, а што лошо. Затоа мислам дека тоа е добра идеја.“
  • „Па, треба да има некоја забрана веројатно ама не знам, искрено.“
  • „Мислам дека е добро. Социјалните мрежи колку што се корисни за да може да се стапи во контакт со познати мислам дека имаат и многу негативни работи. Децата веќе прават натпревар кој што да направи, кој што да измисли нешто ново,“ велат граѓаните. 

Земјите низ целиот свет веќе почнуваат да ги сметаат платформите како TikTok, Instagram, Facebook и YouTube, за штетни за младите луѓе. Франција, Данска и Грција веќе преземаат конкретни мерки, а возрасни ограничувања најави и Португалија. Слични иницијативи за строга контрола и рестрикции се појавуваат и на ниво на Европската Унија (ЕУ).

Петар Догов

Б.С. 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе