Вести Свет

Францускиот парламент го одобри буџетот за 2026 година , Лекорну преживеа уште две гласања за недоверба

Малцинската влада на францускиот премиер Себастијан Лекорну денеска преживеа нови две гласања за недоверба, со што заврши повеќемесечниот спор околу буџетот за 2026 година.

Во двете гласања само 260, односно 135 од 577 пратеници во Националното собрание гласаа против централно-левичарскиот кабинет на Лекорну, јави ДПА.

Неуспехот на предлозите за недоверба значи дека буџетот за 2026 година е официјално одобрен.

Гласањето недоверба ги побараа десничарските националисти на Марин Ле Пен од една страна, и левичарите, Зелените и комунистите од друга страна.

Нивниот обид да ја соборат владата е реакција на тоа што Лекорну го протурка буџетот за оваа година низ парламентарната сала користејќи посебен член од Уставот без конечно гласање, по неплодно барање компромис, пренесе германската агенција.

Лекорни веќе ја обезбеди поддршката на социјалистите со отстапки во буџетот.

Според текстот што сега е усвоен, буџетскиот дефицит треба да се намали на пет отсто од бруто домашниот производ.

Иако првично имаше поамбициозни цели за буџет за штедење, фактот дека високо задолжената Франција конечно добива буџет по долгиот застој веројатно ќе биде добредојден од бизнисите и земјите-партнери на ЕУ како Германија. Тоа им обезбедува на компаниите јасност за инвестиции и вработувања, а јавниот сектор може повторно да инвестира, потсетува ДПА.

Изгледите Париз да ги реши своите должнички проблеми, исто така, се позитивен сигнал за Европската Унија, каде што во моментов во тек е постапка против Франција за нејзиниот дефицит.

Лекорну и неговата влада во последните недели веќе преживеаа четири гласања за недоверба, што се однесуваа на делови од буџетот.

Претходниците на Лекорни, Франсоа Бајру и Мишел Барние, беа принудени да се откажат од функцијата поради буџетски спорови.

Сега, Лекорну може да го насочи своето внимание кон други прашања. Меѓу другото, веројатно е дека ќе има мала реконструкција на владата, бидејќи некои членови на кабинетот, како што е министерката за култура Рашида Дати, се кандидираат на француските локални избори во март, потсетува ДПА.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе