Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според наводите на МВР, Дехари во својство на градоначалник од 2021 до 2025 година склучил договори за вработување со четири лица и свесно им дозволил да не доаѓаат на работа и да добиваат плата и надоместоци и по истекот на законскиот рок не им го прекинал работниот однос.
-На тој начин, Ф. Д. во посочениот временски период, го оштетил буџетот на општина Кичево во износ од 130 000 евра и дозволил другите пријавени лица да се стекнат со материјална корист, од кои, секој засебно и на своја сметка, примиле различна сума пари иако знаеле дека се добиени по сторено казниво дело, наведуваат од МВР.
Кривични се поднесени и против четворицата вработени во општината – Ф. А. (62) од с. Зајас, А. Н. (38) од с. Србица, Х. Б. (37) од с. Црвевци и Б. С. (36) од с. Стрелци. Пријавени се за перење пари и други приноси од казниво дело.
