Трета кривична пријава за Фатмир Дехари, поранешниот градоначалник на Кичево кој изгуби на локалните избори. Кривичната пријава се однесува за злоупотреба на службена положба и овластување. Освен за него кривична има и за четири други лица за перење пари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против Ф.А.(62) од с. Зајас, А.Н.(38) од с. Србица, Х.Б.(37) од с. Црвевци и Б.С.(36) од с. Стрелци, за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, стои во соопштението на МВР.
Дехари во својство на градоначалник во периодото од 2021 до 2025 година свесно и со умисла, склучил договор за вработување со пропуштање на должен надзор, и свесно им дозволил на вработените да не доаѓаат на работа и да им бидат исплаќани плати, други надоместоци и придонеси од општинската каса и по истекот на законскиот рок не им го прекинал работниот однос.
На тој начин Дехари во го оштетил буџетот на општина Кичево во износ од 130.000 евра и дозволил другите пријавени лица да се стекнат со материјална корист, од кои, секој засебно и на своја сметка, примиле различна сума пари иако знаеле дека се добиени по сторено казниво дело.
T.Д.
