Едно од најпознатите млека во прав за доенчиња Аптамил се повлекува од пазарот бидејќи во него се пронајдени токсини. Вкупно 912 пакувања со потекло од Ирска биле пласирани на пазарот. Во нив според инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство имало присуство на Цереулид, кој предизвикува повраќање, гадење и болки во стомакот.
„Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња, со потекло од Ирска. Контаминацијата е утврдена со присуство на токсин Цереулид, а како извор е наведено маслото ARA. При контролата било констатирано дека целокупната количина е веќе дистрибуирана на пазарот и не е пронајдена во магацините на увозникот“, изјави Оливер Миланов, директор на АХВ.
Од АХВ воедно апелираат оние кои го купиле да не го употребуваат или да го вратат од местото каде што го купиле.
