Ако возиш брзо, преминеш на црвено, ја немаш обновено сообраќајната дозвола или пак непрописно се паркираш од први февруари – нема толеранција. Со изгласување на законот на прекршоци „Сејф сити“ е новата реалност за граѓаните на Македонија. Системот од наредниот месец ќе пишува казни за сите несовесни возачи кои ќе бидат фатени во периметарот на поставените камери во Скопје, Куманово, Тетово, но и на коридорите. А во иднина е предвидено камери да има низ целата територија на државата.
Универзитетскиот професор Никола Крстановски, кој е воедно è и сообраќаен експерт е на ставот дека во иднина со сигурност ќе има позитивни резултати. Од први февруари според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидени се следниве казни.
„Со пречекорување над дозволена брзина од 10 км/час возачот ќе биде казнет со глоба од 15 евра, со пречекорување од 10 до 30 км/час глоба од 50 евра, од 30 до 50 км/час се добива казна од 300 евра и забрана за управување на возило од 3 до 12 месеци, додека со пречекорување на брзина од над 50 км/час во населено место е кривично дело со што може да се добие затворска казна“, се казни од први февруари со системот „Сејф сити“.
За донесениот законот покрај тоа што гласаа од мнозинството, гласаше и партијата Левица, која истакна дека во следниот период ќе поднесе дополнителни амандмани за да се регулира казнувањето на граѓаните според нивните примања. Според нив не е можно човек кој зема плата од 500 евра да плаќа иста казна со некој кој зема 50 илјади евра примања. Крстановски истакнува дека казните за сообраќајни прекршоци во некои земји се пропорционални со примањата на прекршителите.
Законот беше донесен вчера, ДУИ и СДСМ не го поддржаа, за Демократската унија за интеграција е противуставен, додека за СДСМ се отвораат многу етички дилеми во однос на можна злоупотреба на личните податоци на граѓаните. Министерството за внатрешни работи досега изврши тестирање, калибрација и верификација на поставените камери на подрачјето на градот Скопје, а истите активности ги најави и за утре на територијата на градовите Куманово и Тетово.
Ако не се придржувате до правилата, системот „Сејф сити“ истите ќе ги детектира, а за тоа ќе бидете известени преку СМС порака и е-пошта. Останува прашањата кои треба да покажат во пракса дали со „Безбеден град“ ќе се стави крај на пријателските врски, кои се бараа за поништување на сообраќајна казна. Но и дали ова ќе означи револуционерна ера за заштита и намалување на жртвите на сите учесници во сообраќајот.
Теа Димковска
Разговор со проф. Никола Крстановски за придобивките и дилемите за „Безбеден град“
