Вести Македонија Најважни

Злоупотребата за Груевски во „Талир“ застаре, но перењето пари и за екс функционерите и за партијата продолжува

Застаре злоупотребата на службената положба за екс премиерот Никола Груевски и екс генералниот секретар Кирил Божиновски во случајот „Талир 1“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е последица од спроните измени на КЗ од 2023-та и скратените рокови за застарување, потврди обвинителката Ленче Ристоска. Сепак, таа го продолжува гонењето за сите обвинети, меѓу кои е и партијата ВМРО-ДПМНЕ и екс функционерите за перење пари, дело кое застарува за девет години. Предметот, кој шест години е низ судски лавирините, денеска се одложи, откако одбраната го доби прецизираното обвинение.

„Во конкретниот случај настапена е застареност на предикатното кривично дело, односно на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, поради истек на законските рокови за застареност и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година. Меѓутоа и покрај застарениот предикат, согласно Закон и постоечката судска пракса, не постојат пречки да се гони перењето пари во овој случај, за кое застареноста настапува во 2035 година. Со денешното одлагање, значи дека судењето нареден пат треба да почне од почеток, по шести пат и би рекла дека во овој случај доказната стратегија на обвинетите, меѓу другото е фокусирана на одложување на оваа постапка, бидејќи само преку застареност можат да избегаат од одговорност, бидејќи се работи за предмет за кои самите се свесни дека обвинителството поседува цврсти докази“, вели обвинителката Ленче Ристоска.

Ристоска потврди и дека поднела тужба за клевета и навреда против ВМРО-ДПМНЕ, откако во октомври лани од партијата испратија соопштение со наслов „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“, кое почнува со реченицата „Каков крај!“. Тогаш таа побара извинување кое не го доби и кажа дека тоа е заплашување и притисок кон обвинител што води два предмета поврзани со партијата.

Неодамна иницираше постапка и пред советот на јавни обвинители, каде го пријави премиерот Мицкоски поради несодветен притисок и навреди.

„Ги преземам сите институционални механизми кои што ми се на располагање, бидејќи недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок на јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ, и да поднесов тужба против политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, порача Ристоска. 

Премиерот во интервју ја нарекува „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата дека станува збор за „клиентелистичко-политичка матрица“, но по барањето на обвинителката да се извини  од Владата одговорија дека тој не ја спомнал со име и презиме и се чудеа како се препознала. Советот на јавни обвинители формираше комисија која ќе работи на овој предмет.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со бројни антологиски хитови остави неизбришлива трага во современата македонска музика – реакции по смртта на Владо Јаневски

Дејан Дејан

Загинаа пет почетници скокачи, пет инструктори и пилотот – авионот имал дефект паднал вертикално

Дејан Дејан

Ја задушил а потоа тврдел дека му се јавила во сон и му кажала каде да оди да ја спаси – обвинителството бара притвор за мажот кој два дена го криеше телото на сопругата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе