Судскиот совет едногласно му го одзеде имунитетот на осомничениот судија Ѓоко Ристов, а сега се чека на Кривичниот суд дали ќе му одреди куќен притвор и ќе му го одземе пасошот. Расправата на Судски совет беше зад затворени врати за да не се повреди истражната постапка, а јавноста само го следеше гласањето.
Ристов по сослушувањето во ОЈО ГОКК и по одземањето на неговиот имунитет се упати накај судот каде ќе се донесе одлуката дали ќе се брани од слобода или не.
„Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар“, соопшти ОЈО ГОКК.
Во куќата на родителите на апелациониот судија во Неготино викендов беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра.
„На првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра“, информира МВР.
Сега човекот што делеше правда се гони за противправно стекнување и прикривање на имот, како и перење на пари. Ристов од средата 14 јануари е на боледување и не одел на работа во Апелациониот суд. Истрагата е отворена на средината на декември, по апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити апелационен судија за замена на затворскиот притвор со домашен.
Марија Митевска
