Вести Свет Топ вести

Сојузниците на Украина на самитот на Г20 ќе се обидат да го „зајакнат“ мировниот план

Сојузниците на Украина ќе се обидат да го „зајакнат“ американскиот план за завршување на војната со Русија на самитот на Г20 во Јужна Африка, најави британскиот премиер Стармер. Трамп во четврток го очекува одговорот од Зеленски за мировниот план изработен од неговата администрација и од Кремљ. Аналитичарите се на ставот дека Зеленски се подготвува да каже „не“ на овој притисок.

Ден откако претседателот Зеленски предупреди дека Украина се соочува со „еден од најтешките моменти во историјата“ поради притисокот да го прифати мировниот план од 28 точки, кои се сметаат за поволни за Москва, нејзините сојузници ќе се обидат на самитот на Г20 во Јужна Африка да го „зајакнат“ американскиот план за завршување на војната со Русија, најави британскиот премиер Стармер. Тој не со само Зеленски, разговараше и со францускиот претседател Макрон и со германскиот канцелар Мерц истакнувајќи ја потребата од изразена поддршка за Украина.

  • Сега сите сакаме праведен и траен мир. Тоа е она што го сака претседателот на Америка. Тоа е она што сите го сакаме. И затоа треба да работиме од каде што сме до таа цел. Но, принципот дека Украина мора да ја одреди својата иднина под нејзин суверенитет е фундаментален принцип, рече Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

Рокот кој Трамп му го даде на Зеленски за да се согласи со планот истаекува во четврток – Денот на благодарноста во САД – што го нарече „соодветен“ рок. Украина е во деликатна дипломатска позиција – соочена со можноста да го изгуби достоинството или да ризикува губење на клучниот партнер САД.

  • „Ова е еден од најтешките моменти во нашата историја. Во моментов, притисокот врз Украина е еден од најтешките. Украина сега може да се соочи со многу тежок избор, или да го изгуби достоинството или да ризикува да изгуби клучен партнер. Или 28 тешки точки или исклучително тешка зима, најтешката досега, и дополнителни ризици. Живот без слобода, без достоинство, без правда. И од нас се очекува да му веруваме на некој што веќе нè нападнал двапати,“ рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Мировниот план од 28 точки изработен од администрацијата на Трамп и од Кремљ, без вклучување на Украина, е прифатлив за Путин, кој ја искористи можност да се закани со нови жестоки напади.

  • „Ако Киев не сака да разговара за предлозите на претседателот Трамп и одбива да го стори тоа, тогаш и тие и европските военоподбуцнувачи мора да разберат дека настаните што се случија во Купјанск неизбежно ќе се повторат во други клучни сектори на фронтот. Можеби не толку брзо колку што би сакале, но неизбежно ќе се случи повторно,“ рече Путин.

Трамп истакнува дека Зеленски веќе ја добил најдобрата воена опрема и тврди дека Путин ќе биде запрен и ќе биде дека казнет, иако е повеќе од јасно дека Украина, која нема можност да се приклучи на НАТО, ќе изгуби територии, кои сега ги контролира и ќе мора да го намали воениот персонал.

  • „Тие губат земја. Тие губат земја. Тие само – ние сме во ова со една цел. Дали сакаме убивање, дали знаете дека изгубија 25.000 луѓе минатиот месец? Меѓу двете земји 25.000 луѓе. Тоа е надвор од контрола. Тоа е крвопролевање. Се сеќавате на познатиот збор „крвопролевање“?, рече Трамп.

Познавачите на состојбите велат дека најпрво е важно Украина да го зачува својот суверенитет, а второ отстапката на територии е таблета која Украина тешко ќе ја проголта. Говорот на Зеленски го оценуваат како подготовка да се каже „не“ на овој притисок.

  • Моето чувство е дека Зеленски ја подготвува земјата и да каже „не“ на овој вид притисок, а потоа да им даде до знаење дека ова може да биде многу тешка зима што претстои и мислам дека земјата е добро свесна за тоа. Мислам дека тој се обидуваше едноставно многу јасно да ги постави влоговите за тоа како стојат работите, рече Макс Бергман, директор на програмата за Европа, Русија и Евроазија во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Во Европа постои нервоза околу услови од мировниот план кои се во корист на Москва. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, ја нарече можноста за усвојување „многу опасен момент“. На самитот на Г-20 во Јаханесбург не присуствуваат ниту Путин, ниту првиот човек на Кина Ши Џипинг. За разлика од нив двајца, Трамп дури и не испраќа делегација, што е без преседан. Дали Самитот го изгуби мултилатерализмот или едноставно Големата тројка повеќе не му придаваат големо значење на овој настан е отворено прашање.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Термоцентралите на Западен Балкан загадуваат 6,6 пати над дозволените граници – извештај на мрежата „Бенквоч нетворк“

Sasko Dimovski

Прифатени седум од 105 поднесени амандмани за Предлог на законот за судска служба

Sasko Dimovski

Вишиот управен суд со пресуда поништи одлука за концесијата за Иловица

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе