Изборот на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата мора да биде непартиски, алармираат експертите. Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека личноста која се бира мора да е достоен за функцијата, стручен и со посебен углед меѓу граѓаните. Смета дека капацитетите на актуелниот состав на ДКСК се далеку од посакуваните резултати, а како доказ на тоа го посочува и примерот на кој и самиот бил сведок при изработка на законот за спречување на корпција по кој работи токму ДКСК.
Телма вчера ги објави имињата кои се кандидати да ја заменат поранешната претседателка Татјана Димитровска. Таа си поднесе оставка на крајот на јули откако Обвинителството ја обвини за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Скандал поврзан со овој сосотав на ДКСК беше оној за првиот човек на АНБ, Бојан Христовски за кого комисијата одлучи дека јазичниот ТОЕФЛ сертификат е валиден, додека не се докаже спротивнот. Предметот за него го работеше Цвета Ристовска која предавала на приватниот Универзитет Скопје каде диплома добил токму Христовски.
Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава беше нотирано дека иако ДКСК продолжува да работи со замник, после скандалот нејзиниот кредибилитет е доведен во прашање.
Во следните два дена пред комисијата за избори и именување интервјуа ќе имаат десеттемина кандидати за наследник на Димитровска.
Меѓу нив има поранешен помошник министер за правни работи во МВР и сведок во постапката за случајот „Таргет-тврдин, член на комисијата за заштита од конкуренција, поранешен началник во МВР, главен помошник на државниот ревизор, раководителка во министерството за одбрана, и актуелниот генерален секретар на ДКСК.
Според законот интервјуата се јавни, а во изборот учествуваат освен пратеници и преставници од невладин сектор како и преставник назначен од народниот правобранител.
Според Давитковски подобро е сега никој да не учествува во изборот од страна на правобранителството, бидејќи и оваа институција нема прв човек. При изборот на актуелниот состав дел од невладините преставници имаа издвоено мислење и не се согласуваа со партиските оценки но сепак беа надгласани.
Билјана Николовска
Б.С.
