Вести Емисии Нексус Свет

Дали КОП 30 ќе биде КОП на вистината?

Триесеттата конференција за климатските промени на ОН ќе биде конференција на вистината, во времето на лажните вести и теории на заговор и на отфрлањето на научните докази, најави бразилскиот претседател, Лула да Силва, на отворањето на КОП 30 во градот Белем, во непосредна близина на белите дробови на планетата, Амазон.

Без да спомене имиња на држави или лидери, бразилскиот претседател изјави: тие ги контролираат алгоритмите, шират омраза и страва, време е да ги поразиме негаторите.

Одлуката на Бразил КОП 30 да се одржи во Белем, во непосредна близина на најголемата дождовна шума на планетата е повеќе од симболична.

Една од клучните заложби на Лула да Силва е КОП 30 да биде познат како КОП на Амазон преку формирањето на фонд за тропските шуми во вредност од 125 милијарди долари, кој би им помогнал на земјите на чија територија се наоѓаат дождовните шуми.

Да се донесе КОП во срцето на Амазон беше тешка, но неопходна задача. Амазон не е апстрактен ентитет. Оние кои ја гледаат шумата само од воздух, не се свесни што се случува под нејзините крошни. Најразновидниот биом на Земјата е дом на речиси 50 милиони луѓе, вклучувајќи 400 домородни групи, кои се на територијата на девет земји во развој кои сѐ уште се соочуваат со огромен социјални и економски предизвици, изјави на отворањето бразилскиот претседател.

Делегации од повеќе од 190 држави се собраа во Белем на почетокот на климатската конференција, каде наредните две недели ќе се обидат да најдат начин како да ги надминат меѓусебните кавги и несогласувања и да се справат со опасното глобално затоплување.

Минатата година беше најтоплата во историјата на планета, по цела деценија незапаметени горештини а последиците веќе се очигледни насекаде, од урагани и огромни поплави, до катастрофали пожари и екстремно високи температури.

Глобалното затоплување може да турне милиони луѓе во глад и сиромаштија, уништувајќи децении напредок. Непропорционалните последици на климатските промени за жените, луѓето со потекло од Африка, мигрантите и ранливите групи мора да биде земено предвид  во политиката на адаптација. Суштинско е да се признае улогата на домородните територии и традиционални заедници во напорите за митигација, рече Да силва.

Пред 10 години, на КОП 21 во Париз, над 190 држави го потпишаа климатскиот договор со кој се обврзаа дека ќе го ограничат глобалното затоплување на 2 степени целзиусови над пред-индустриското ниво, а идеалното решение би било на 1,5 степени. Договор беше опишан како визија, а не детална мапа.

За да објаснат како ќе придонесат за оваа цел, државите потписнички се обврзаа на секои пет години да ги поднесат своите национални климатски планови.

Оваа година, до фебруари, државите требаше да ги достават своите планови кои ќе ги спроведуваат до 2035-тата година. Но, повеќе од 90% од земјите потписнички задоцнија со доставувањето на своите планови а некои од најголемите загадувачи, како Индија, воопшто и не доставија план.

Иако ОН, предупредија дека заложбата за ограничување на затополувањето на планетата на 1,5 степени целзиусови со сигурност не може да се оствари, човекот кој е задолжен за координирање на политиките за справување со климатските промени, Сајмон Стил, оптимистички порача дека има и добри вести на тој фронт.

Добрата вест е дека не започнуваме од ништо. Договорот од Париз нуди вистински напредок. Сега веќе, за прв пат, почнавме да ја спуштаме кривата на штетни емисии кои ја затоплуваат планетата надолу. И ќе ве упатам дека во писмото кое го испратив до земјите утрово, се содржани последните бројки кои го ажурираат нашиот извештај за националните придонеси. Новите придонеси, вклучувајќи повеќе кои ги добивме неодамна, ќе ги намалат емисиите за 12% во 2035-тата година, рече стил.

Иако ова не е доволно, додава Стил, добрата вест е дека на наша страна е и фактот дека обновливите извори на енергија поевтинуваат.

Но, од друга страна, лоша вест, за целата планета, е фактот дека најголемиот загадувач на планетата во историјата – САД, по втор пат се повлекоа од Конференцијата за климатските промени и преземените обврски, секако на иницијатива на актуелниот претседател, Доналд Трамп.

САД, заедно со Сан Марино, Авганистан и Мјанмар се единствените држави кои не присуствуваат на КОП 30.

Американскиот претседател неодамна на седницата на Генералното Собрание на ОН, ги нарече климатските промени најголемата измама во светот, и најави дека САД ќе продолжат да користат, како што рече, веројатно несвесно употребувајќи оскиморон, прекрасен чист јаглен.

Многу сум благодарен дека Претседателот Трамп ја опиша така како што навистина е. Мислам, тоа е во суштина измама. Не е искрена организација која се обидува да ги подобри човечките животи. Можеб ќе одам наредната година, но само во обид да споделам здраворазумско размислување. Толку многу нации се собрани, треба да се фокусираат на реални, големи проблеми кои може да ги решиме заедно и да ги подобриме човечките животи, изјави американскиот министер за енергија Крис Рајт.

Но, во Белем допатува Гавин Њусом, гувернер на најнаселената американска држава и економски најмоќна,  Калифорнија, кој го нарече отсуството на администрацијата на Трамп од климатската конференција исклучително глупаво и ризично за економската иднина на државата.

Од 50-те американски сојузни држави, Калифорнија произведува најмногу енергија од обновливи извори.

Каде се по ѓаволите Соединетите американски држави? Се откажуваме од евтината енергија, зелена енергија, инфраструктурата, производството. Им отстапуваме економска моќ на другите држави, пред се Кина, која го користи нашето отсуство. И ќе не победат економски. Освен ако не го сфатиме економскиот императив и можностите на зелениот раст со низок јаглерод, рече њусом.

Најтешките прашања на секоја конференција за климатските промени се околу употребата на фосилните горива и секако финасирањето, особено на климатската адаптација.

Расправите и различните ставови околу тоа, колку треба побогатите земји да издвојат за да им помогнат на државите кои први го чувствуваат ударот на климатските промени ќе продолжат наредните денови.

На претходниот КОП, во Азербејџан, беше постигнат договор да се издвојуваат 300 милијарди долари годишно до 2035-тата година, со амбиција таа сума да се зголеми на 1,3 трилиони од различни извори.

Бразилското претседателство најавуваше дека овој КОП, нема да биде КОП на големи декларации, туку пред се насочен кон анализа на досега сработеното, со јасен план за иднината.

Колку од тие најави ќе се реализираат, како во случајот на секоја конференција з климатските промени, останува допрва да се види.

Никола Илиевски


Анализата беше емитувана во Глобалниот магазин Нексус на Телевизија Телма, петок 14 ноември, 2025.

Нексус се емитува секој петок во 17 часот, а репризното издание е во сабота во 13:30.


 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Базен на таленти“ – ЕУ ќе креира онлајн платформа за регрутирање на работници од трети земји

Дејан Дејан

Репресија по трагедијата во Кочани причина за изостанок на емпатијата смета Рамадани

Дејан Дејан

Maрковска: Емпатија постои, но недовербата во системот го прави своето – луѓето да бидат десперадоси во својата држава

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе