Овој буџет и тоа како е различен од сите претходни буџети, независно дали се носени од ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ поради две работи – прво е прв буџет во историјата кој што се носи на октруиран начин, односно наметнат, второ е направениот преседан со намалување на капиталните инвестиции за 15 отсто, рече Фатмир Битиќи, пратеник и поранешен вицепремиер за економски прашања, во вечерашното издание на „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Прво е загрижувачки. Дали е тоа потврда и одговор на немањето на институционален капацитет, затоа што во тековната гдоина имате 46 отсто реализација на капиталните инвестиции. И знаете дека тоа е максимум на капацитетот што го имате во државата, ако не направите некој исчекор. Или второ, немате доволно подготвеност за реформи за соодветно трошите“, смета Битиќи.
Вистинското прашање, според него, не е зошто се намалени капиталните инвестиции, туку зошто ги нема проектите за кои владата толку зборуваше.
„Нели направивме Меморандум за соработка со Велика Британија вокој ќе ни отворат финансиска рамка од шест милијарди. А, тоа се, да не заборавиме, проектите во здравство, Клинички центри во Штип и во Скопје кои ги има во буџетот за кои се издвоени 3,5 милиони денари. Со 3,5 милиони денари ќе изградите Клинички центар Штип со студентски дом“, коментира Битиќи кој прашува дали ова што се предлага е навистина Предлог буџет за 2026 година или е претбуџет за 2026 година.
С.Д.
