Партиите со меѓусебни обвинувања за криминал и корупција на високи нивоа – кој што направил и кој е виновен, 130 милиони од програмата ИПАРД се ставени во мирување, а опозицијата сега бара проширување на истрагата, со сомнежи дека и други луѓе се замешани.
Од СДСМ тврдат дека корупцискиот скандал води до врвот на власта и прашуваат дали се под истрага и луѓе во кумска, односно кумашинска врска со претседателот на Владата. Од власта стигна одговор – „нека нѐ остават да си ја завршиме работата“.
„Јас ја повикувам опозицијата да не се затскрива позади прашања, туку да излезе со тврдења. Тие држат прес-конференции со прашања. Ако се толку сигурни во тие тврдења нека излезат и нека кажат – замешан е Христијан Мицкоски, замешан е тој и тој. Затоа што вака е кукавички и не оставаат впечаток. И нека нѝ помогнат. Јас јавно повикувам сите што имаат докази за злоупотреба нека дојдат и нека ги достават тие докази за да можеме ние да делуваме. Така што, апсолутно ги отфрлам тие шпекулации. Нека остават да си ја работиме работата онака како што треба ама да не стигне до некои нивни поранешни функционери и министри. И тогаш да ги видам повторно да излезат на прес-конференција“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Корупцискиот скандал со проневери кој заврши со истрага и апсења оди на директна штета на нашите земјоделци и тие се практично уништени. Ова е оценка на лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој додава дека покрај ова, проблемот за секторот сѐ уште претставуваат ниските откупни цени и ниските субвенции. Од партијата вчера предложија да се подготви Акциски план кој државата ќе го достави до Европската комисија.
„Досега се склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои исплатени се само 10 милиони. Во моментот над 180 инвестиции, вредни над 25 милиони евра, се директно погодени и уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани. И Владата нормално сето ова го крие и не сака да го коментира. Ова е скандал што го потврдува тоа што го зборувавме во изминатите 15 месеци дека оваа власт е длабоко корумпирана и целиот систем е зафатен од мрежи на корупција контролирани од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Срам пред Европа за нашата земја“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Препукувањата на релација власт-опозиција се префрлија и на меѓусебни преписки меѓу актуелни и поранешни функционери и министри. Актуелниот министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, му порача на поранешниот министер Љупчо Николовски дека неговата политичка кариера е завршена, а го обвини и за незаконско работење, за што го повикува обвинителството да истражува.
Николовски претходно тврдеше дека Трипуновски признал дека ИПАРД-програмата е суспендирана, но не понудил одговорност или план за решавање на ситуацијата. Според поранешниот министер, загрозени се 130 милиони евра европски пари, средства на млади земјоделци и семејства кои имале доверба во програмата.
Инаку, стопирањето на исплатата од ИПАРД следува по големиот корупциски скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, откако директорот Илија Стоилев и неколкумина службеници се притворени за поткуп од околу 50.000 евра.
Петар Догов
