Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ доби нов в.д. директор. Градоначалничката Данела Арсовска денеска го назначи Александар Јовановски кој е вработен во Град Скопје како инспектор во Секторот за инспекторат, а претходно искуство има стекнато во Секторот за локален економски развој.
Досегашниот директор Сабахадин Рустеми, кој сега е во притвор за несобирање на ѓубрето во Скопје, вчера си поднесе оставка од функцијата. Од Градот соопштуваат дека новопоставениот в.д. директор има повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица, а со работен ангажман во Здружение за заштита и унапредување на животната средина работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти.
Управниот одбор на „Комунална хигиена“ утрово побара од градоначалничката Данела Арсовска итно да назначи в. д. директор на претпријатието. Велат дека во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в. д. директор.
Т.Д.
