Проблемите со собирањето на ѓубрето од Скопје ескалираа во изминатиот месец, кога жителите на главниот град се задушија околу преполните контејнери, но финансиските извештаи на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ покажуваат дека ова градско претпријатие четири години тоне во загуби.
До 2020 година, претпријатието работи со профит. Во 2020 година, скопски комуналец остварил профит од скоро 1 милион евра. Проблемите почнуваат од 2021 година, кога се прави минус од 702.000 евра. Во 2022 минусот е 678.000 евра, а во 2023 се прави дупка од 2,5 милиони евра. Минатата година Комуналец завршил со дупка од 1,2 милиони евра.
Извештајот за првите три месеци од годинава покажуваат дека приходите се намалуваат, а расходите се зголемуваат. Управниот одбор во јули годинава не го прифаќа тримесечниот извештај и констатира дека финансиската состојба на претпријатието е алармантна. Тврдат дека Водовод им должи над седум милиони евра.
„Намалувањето на приходите во голем дел се должи на тоа што ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ не ги исплаќа редовно паричните средства на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, односно месечно плаќа по многу помал износ од реално наплатениот. На оваа околност, во текот на седницата членовите на Управниот одбор добија сознание дека, во моментот, со состојба на 10.07.2025 година, ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ должи на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ околу 468 милиони денари и дека до денес не е ништо преземено за наплата на ова побарување“, се наведува во Одлуката за неусвојување на тримесечниот извештај на Комуналец за јануари – март 2025.
Извештаите за работењето на фирмата покажуваат дека во 2024 година, Комуналец собрале повеќе комунален отпад отколку во претходната 2023 и направиле повеќе тури за собирање отпад од претходната година. Селектирана била поголема количина отпад за рециклирање.
Од друга страна, Комуналец не постигнува да ги исчисти предвидените површини, каде што спаѓа чистење, метење и миење на улици и тротоари, празнење на корпите за џебен отпад и собирање на ѓубрето околу контејнерите. Во Комуналец велат дека нема луѓе, а во шестмесечниот извештај за работата во првата половина од 2024 година констатираат дека Советот на град Скопје не им дава согласност за ангажирање работници, за разлика од претходните години.
Срѓан Стојанчов
