Независниот кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, кој влезе во вториот круг, на социјалните мрежи објави дека се повлекува од изборната трка. Но, тоа не значи и дека таму нема да има избори на 2 ноември и дека неговото име нема да стои на избирачките листи. Од ДИК појаснуваат дека, законот не препознава откажување на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи. Спорно е и откажувањето преку Фејсбук, од причина што некој може и да му го хакирал профилот, но и да поднесе официјално барање до ДИК, тоа нема да смени ништо.
Војнески, кој претходно беше градоначалник на Македонски Брод од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук објави дека се повлекува во корист на неговата матична партија.
„ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија, партија на која ѝ го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето, па сè до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка. Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте, ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент“, напиша Војнески.
На изборите во неделата Војнески освои 705 гласа и само со три гласа повеќе од кандидатот на СДСМ, Ивица Стојкоски, успеа да влезе во вториот круг.
Сличен случај на овие избори имаше и во Арачиново. Пред првиот круг, од кандидатурата се откажа независниот кандидат Фекри Бакиу, но неговото име остана на листата и доби само еден глас.
Далиборка Демјанска Цветановска
