Обвинителството за гонење на организиран криминал претпладнево извести дека е отворена постапка против повеќе лица осомничени за лихварство и перење пари. Според информации на Телма, станува збор за таканаречена аеродромска група, а со истрагата се опфатени и лица од Нерези. Првичните проценки се дека станува збор за шема со вредност од два милиони евра.
Истрагата се разгорела пред 10-тина дена кога во Нерези и Карпош имаше полициска акција за откривање на наркотици. Потоа се откриени злоупотреби со пари заработени со недозволена трговија со дрога кои биле користени за лихварско позајмување, а дел од позајмиците се вртеле и во кругови каде се одвивало нелегално коцкање.
Во истрагата се проверуваат и сомнежи за финансиска поврзаност со фирми преку кои се исплаќале парите и се переле односно легализирале. Според информациите на Телма, еден од осомничените не е во државата и има сознанија дека е во Грција.
Има сомнежи и дека членови на групата учествувале и организирале подметнувања на пожари на автомобили на должници кои земале пари под лихва.
Од обвинителството кратко ја потврдија акцијата и дека има претреси на повеќе локации во Скопје под раководство на обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска спроведуваат полициски единици на МВР.
„Под раководство на предметен обвинител од ОЈО ГОКК, единици на МВР вршат претреси на повеќе локации во Скопје. Станува збор за осомничени лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Лихварство и Перење пари“, информираат од обвинителството.
Миомир Серафиновиќ
