Вести Македонија Најважни

Невообичаени резултати за градоначалник на Скопје

Skopje rezultati prv krug

Во вториот круг од локалните избори за градоначалник на Град Скопје за две недели ќе се судрат Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.

По многу нешта, резултатите од изборите во главниот град се невообичаени и се разликуваат од претходните изборни циклуси.

За првпат, кандидат на Левица оди во вториот круг. Она што е уште поизненадувачки е што кандидатката на СДСМ Каја Шукова е четврта според бројот на освоени гласови. Ѓорѓиевски освои над 91 илјада гласови, Мециновиќ над 30 илјади, трети заврши Башким Бакиу од Вреди со скоро 28 илјади гласови, а Шукова е четврта со илјада гласа помалку. Скендер Реџепи од коалицијата на ДУИ освои 26 илјади гласа, а независниот Горан Марковски заврши со 7600 гласа.

Невообичаено е што во вториот круг одат двајца кандидати меѓу кои има огромна разлика во првиот круг. Ѓорѓиевски сега освои три пати повеќе гласови од вториот Мециновиќ.

На пример, во првиот круг во 2021 година, актуелната градоначалничка Данела Арсовска имаше 86 илјади гласа, наспроти дотогашниот Петре Шилегов кој освои 78 илјади. На локалните избори во 2017, Шилегов победи во првиот круг со 140 илјади гласа. Коце Трајановски изгуби со над 100 илјади освоени гласови.

Она што е различно е што одѕивот на гласачи во 2017 беше многу поголем од сега, па оттаму и поголемиот број гласови.

Невообичаено е што на овие избори и партиите на етничките Албанци посветија големо внимание на изборите за градоначалник на главниот град за разлика од претходни изборни циклуси, кога или не се кандидираа, или освојуваа незначителен процент гласови.

Ѓорѓиевски очекува во вториот круг само да ја потврди победата по вчерашната огромна предност. Најави дека ќе разговара со сите кандидати кои не влегоа во вториот круг и ќе им понуди соработка.

„Сакам да упатам порака и до оние граѓани кои во првиот круг не излегоа на гласање или го дадоа својот глас за некој од другите кандидати. Вратата на нашата граѓанска коалиција е отворена за сите. Нашата визија е обединето Скопје, а не поделен град. Ве повикувам да ни се придружите, да се обединиме околу идејата за подобро Скопје за сите нас“, рече Ѓорѓиевски.

Од друга страна, со оглед на тоа што имаше голем број кандидати кои освоија значителен број гласови, и Мециновиќ ја гледа шансата ако успее да ги обедини сите опозициски гласови.

„Јас неизмерно им благодарам на сите оние кои веќе ја препознаа оваа наша заедничка приказна. Сега им се обраќам на оние што сè уште не се охрабрени, уште не се одлучени и оние кои уште се колебаат: Придружете ни се, затоа што ова не е борба на еден човек, не е борба на една партија. Ова е борба на повеќе генерации кои се подјармени под притисокот на биснис партиите“, изјави синоќа Мециновиќ.

Во Советот на Град Скопје со 45 члена, ВМРО-ДПМНЕ освои 18 советнички места, Вреди 6, а Знам едно, па владејачката коалиција веќе има мнозинство.

Од десетте скопски општини, 6 добија градоначалник уште во првиот круг – Изет Меџити и Мухамет Елмази од Вреди победија во Чаир, односно во Сарај против кандидатите на ДУИ. Нов мандат освоија градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ на Гази Баба, Ѓорче Петров и Бутел – Бобан Стефковски, Александар Стојкоски и Дарко Костовски, а ВМРО-ДПМНЕ победи и во Кисела Вода, каде што нова градоначалничка ќе биде Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Втор круг ќе има во Аеродром, каде што актуелниот градоначалник Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ ќе се судри со Александар Трајановски од СДСМ. Горан Герасимовски од СДСМ во вториот круг оди против Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, кој има поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ во Карпош во вториот круг оди со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски од ГРОМ, а актуелниот градоначалник на Шуто Оризари Курто Дудуш во вториот круг ќе се бори против Ерџан Демир од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Интересно е што кандидатите на СДСМ за градоначалници на скопските општини имаа повеќе гласови од кандидатите на Левица, но на советничките листи – Левица освои повеќе гласови од СДСМ.

На пример, во Аеродром, кандидатот на СДСМ оди во втор круг, но советничката листа на Левица има повеќе гласови од таа на СДСМ. Левица има повеќе гласови на советничките листи и во Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода и Чаир. СДСМ има двојно повеќе гласови од Левица само во Општина Центар, а во Шуто Оризари Левица нема листа.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓорческа против ланската финалистка Анисимова во првото коло на Вимблдон

Sasko Dimovski

Протест на вработените во ГТЦ кои примаат минимална плата

Дејан Дејан

Приколка од товарно возило се преврте на автопатот кон Гевгелија

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе