Локалните кандидати ќе успеат да допрат до граѓаните, но негативните пораки што партиските лидери си ги упатуваат меѓусебно, може да предизвикаат помал одѕив во вообичаениот, предупредува политичкиот аналитичар, Петар Арсовски. Досегашниот тек на кампањата, според него, остава впечаток дека кандидатите и партиите различно комуницираат со електоратот.
„Кампањата поминува како две независни линии на комуникација. Едната е таа на кандидатите, а се однесува на локалните проблеми на граѓаните и на понудата за локалните избори, а втората е таа што ја прават партиските лидери и се бави со општествени теми и во основа е пинг-понг едни со други, а не со граѓаните. Во втората доминираат негативни наративи, а во првата повеќе понуда“, вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.
Наративот, пак, дека ова се избори на „сè или ништо“, за него има оправданост во општините каде Албанците се мнозинство.
„Во некои општни, како Тетово и Чаир, тоа може да се сфати како борба на живот или смрт, бидејќи резултатот од тие општини ќе го дефинира целокупниот понатамошен политички амбиент“, вели Арсовски.
Со влегувањето на кампањата во завршна фаза, кандидатите ги вадат најголемите адути и ги даваат клучните ветувања, но лидерите стануваат сè пожестоки во дисквалификацијата на противниците и си упатуваат отворени навреди. Најжестоките удари се разменуваат меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, како и меѓу „Вреди“ и НАИ.
Дваесетдневната кампања завршува в петок на полноќ.
Далиборка Демјанска Цветановска
