Вести Македонија Топ вести

Навредите на партиските лидери ги одвраќаат граѓаните од гласање?!

Локалните кандидати ќе успеат да допрат до граѓаните, но негативните пораки што партиските лидери си ги упатуваат меѓусебно, може да предизвикаат помал одѕив во вообичаениот, предупредува политичкиот аналитичар, Петар Арсовски. Досегашниот тек на кампањата, според него, остава впечаток дека кандидатите и партиите различно комуницираат со електоратот.

„Кампањата поминува како две независни линии на комуникација. Едната е таа на кандидатите, а се однесува на локалните проблеми на граѓаните и на понудата за локалните избори, а втората е таа што ја прават партиските лидери и се бави со општествени теми и во основа е пинг-понг едни со други, а не со граѓаните. Во втората доминираат негативни наративи, а во првата повеќе понуда“, вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.

Наративот, пак, дека ова се избори на „сè или ништо“, за него има оправданост во општините каде Албанците се мнозинство.

„Во некои општни, како Тетово и Чаир, тоа може да се сфати како борба на живот или смрт, бидејќи резултатот од тие општини ќе го дефинира целокупниот понатамошен политички амбиент“, вели Арсовски.

Со влегувањето на кампањата во завршна фаза, кандидатите ги вадат најголемите адути и ги даваат клучните ветувања, но лидерите стануваат сè пожестоки во дисквалификацијата на противниците и си упатуваат отворени навреди. Најжестоките удари се разменуваат меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, како и меѓу „Вреди“ и НАИ.

Дваесетдневната кампања завршува в петок на полноќ.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Алиу на панел-дискусија во Гостивар: Ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител

Дејан Дејан

Потпишан Договор за воспоставување заеднички гранични премини меѓу Македонија и Албанија

Дејан Дејан

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе