Премиерот ги отфрла шпекулациите дека резултатот од локалните ќе доведе до нови избори напролет. Потсети дека, повеќе од 600.000 граѓани на изборите минатата година гласаа за оваа Влада, затоа таа има полн легитимитет да опстои.
„Јас разбирам дека има политички партии кои освен поделби, и би рекол националистичи испади немаат друга програма за да ги мобилизраат своите структури и гласачи. Единствената работа што можат да ја направат е да повторуваат предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ убедливо ги победи во 2021 година со историски резултат на локалните избори, па беше во опозиција три години, па дојдоа парламентарни избори, убедливо ги победи со историски резултат. Денеска сме Влада. Еве денеска излегува ревидиран БДП за 2024 година од три проценти, еден од најголемите во Европа… Одиме и над тоа. Тоа е над сите очекувања на Меѓународниот моментарен фонд и Светска банка. Би било навистина жално ако сите овие позитивни индикатори ги прекинеме со предвремени парламетарни избори. Ние како политичка партија го ставаме државниот интерес пред партиските емоции“. рече премиерот Христијан Мицкоски.
И неговите коалициони партнери од ВРЕДИ се со истиот став. Коментирајќи претходни слични изјави, вицепремиерот и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, деновиве ја отфрли таквата можност, велејќи дека нивните политички противници сакаат на тој начин да го мотивираат електоратот да гласа за нив, но владата има задачи и програма пред себе и нема потреба да се прават дополнителни трошоци.
Опозициските партии на Албанците, пак, во резултатите од локалните избори, гледаат влог за предвремени парламентарни избори. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, испрати порака дека напролет мора да се оди на вонредни избори, додека нивниот кандидат за Чаир, Бујар Османи дури тврдеше и дека веќе има консензус кај главните политички фактори дека избори се неминовни.Истото го очекува и кандидатот на НАИ за градоначалник на Скопје, Скендер Реџепи, доколку коалицијата „Национална алијанса за интеграција„ победи на локалните избори.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработкa: Т.Д.
