Вести Свет Топ вести

Последни подготовки за утрешната размена на заложници меѓу Израел и Хамас

Утре истекува рокот за размена на заложници меѓу Израел и Хамас, во тек се последните подготовки. Пред утрешниот самит на светските лидери за ставање крај на војната, американскиот претседател Трамп ќе го посети Израел каде ќе се сретне со роднините на заложниците. Палестинските власти соопштија дека речиси половина милион раселени се вратиле во северна Газа. Редици камиони со хуманитарна помош веќе се на преминот Рафа со Египет.

Поздрави за американскиот претседател Доналд Трамп и свирежи за премиерот Бенјамин Нетанјаху, стотици илјади луѓе се собраа на митинг во Тел Авив, пред долго очекуваното ослободување на израелските заложници од страна на Хамас. Додека специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, истакна дека заложниците „се враќаат дома“, Израелците кои мавтаа со американски знамиња се надеваат дека ова неговото обраќање ќе биде последно. Зетот на Трамп, Џаред Кушнер им рече дека ќе слават во понеделник, кога 48-те заложници што сè уште се во Газа ќе бидат ослободени, се верува дека околу 20 се живи.

  • „Од длабочините на нашите срца, им оддаваме почит на семејствата на заложниците. Секој од вас ја носеше моралната тежина на оваа нација. Вашата храброст го трогна светот и ме допре на начин на кој никогаш порано не сум бил допрен во целиот мој живот“ – Стив Виткоф, специјален претставник на САД.

Витков и Кушнер утринава веќе пристигнаа во Шарм-ел-Шеик во Египет, каде заедно со светските лидери од повеќе од 20 земји ќе присуствуваат на утрешниот самит со цел да се стави крај на војната во Појасот Газа, каде се завршуваат последните подготовки. Катар посредуваше во прекинот на огнот заедно со Египет и САД. Турција, исто така, се приклучи на преговорите. На самитот ќе присуствува и францускиот претседател Емануел Макрон, шпанскиот премиер Педро Санчез и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.

Израелците пак се подготвува утре да го пречека Трамп, кој ќе се сретне со семејствата на заложниците и ќе зборува во Кнесетот. На улиците на Ерусалим се закачени американски знамиња и билборди со Трамп.

  • „Денес е 737-миот ден од оваа војна. Има многу имиња. За нас тоа е само војна што трае две години, а утре, се надевам, ќе биде последниот ден од страдањето. А задутре ќе биде почетокот на нашето искупување, ако сакате, враќањето на сите наши момчиња и на една последна жена во оваа земја. Тоа е сè што посакувам за семејствата што ги чекаат своите најблиски“ – Јар Даниел Ваксман, активист.

Според мировниот план Хамас има рок до утре на пладне по локално време да ги ослободи сите израелски заложници, а од Израел се очекува да ослободи 1.700 притвореници од Газа и околу 250 палестински затвореници. Хамас сè уште инсистира на ослободување на седум познати затвореници, вклучувајќи ги Марван Баргути и Ахмад Саадат. Но Израел одбива па, не е јасно што ќе се случи ако барањата на Хамас не бидат исполнети.

Според палестинските власти околу 500.000 луѓе се вратиле во северна Газа, која лежи во урнатини, откако во текот на изминатите два дена се повлекуваат израелските трупи. Околу 200 американски војници пристигнаа во Израел за да го следат прекинот на огнот со Хамас. Тие ќе формираат центар за олеснување на протокот на хуманитарна помош, како и логистичка и безбедносна помош. Израелската војска соопшти дека ќе продолжи да дејствува дефанзивно од приближно 50% од Газа што сè уште ја контролира откако се повлече на договорените линии.

Конвојот од 400 камиони со хуманитарна помош почнаа да влегуваат во Газа. Редици камиони веќе се на преминот Рафа со Египет. Камионите ќе мора да бидат проверени од израелските сили пред да им биде дозволено да влезат. Според условите од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој стапи на сила во петокот, количината на помош што влегува во Газа треба да се зголеми.

Во последните месеци, ОН и нејзините партнери успеаја да достават само 20% од потребната помош во Газа поради борбите, затворањето на границите и израелските ограничувања за се што влегува. Ограничувањата на хуманитарната помош предизвикаа криза со глад во Газа каде се раселени околу 90% од населението.

Билјана Ставрова

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Кармина Бурана“ е почеток на долга соработка – рекоа од македонската, софиската филхармонија и грчкиот оркестар пред вечерашниот настап

Дејан Дејан

Парада на гордоста во Скопје: Протест против молкот и лажното прифаќање

Дејан Дејан

СДСМ: Чекањето на границите со ЕУ е огледало на политиката на Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе