Израелската влада рано утрово го одобри нацртот на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на сите преостанати заложници кои се во рацете на Хамас, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Договорот, кој е дел од поширок план поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, е клучен чекор кон завршување на двегодишната војна која го дестабилизира регионот на Блискиот Исток. Во заедничка прес-конференција со американските претставници Џеред Кушнер и Стив Виткоф, Нетанјаху изрази благодарност за нивната „несебична работа и посветеност во корист на Израел, САД и сите слободољубиви луѓе“… Иако сè уште остануваат многу отворени прашања – како што се разоружувањето на Хамас и идното управување со Газа – страните се поблиску од кога било кон крај на војната што однесе десетици илјади животи и предизвика хуманитарна катастрофа.Во пресрет на гласањето, израелските напади во Газа продолжија, при што беа погодени неколку цели во северниот дел на енклавата.Палестинските власти соопштија дека најмалку 11 лица загинале, а над 40 се заробени под урнатини… САД најавија дека ќе испратат околу 200 војници во Израел како дел од меѓународен тим што ќе го надгледува спроведувањето на договорот за прекин на огнот.
