Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за случајот Онкологија 2 со искази на сведоци.
Пред почетокот на рочиштето беше констатирано дека не се исполнети услови за изземање на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска откако одбраната претходно го бараше тоа.
Судот го одби и барањето за изземање на вештакот на обвинителството Елизабета Дамевска Јовановска.
Вработена на шалтер на Онкологија на одделение за малигни тумори на дојка сведочеше дека на сите одобренија за терапија од условен буџет се потпишувал обвинетиот медицински директор Нино Васев.
Сега на клиниката ваквите терапии се одобруваат од страна на стручен колегиум.
Таа додаде дека не приметила дали терапиите се издавале со зголемена или намалена доза на лекови бидејќи тоа не бил нејзин домен на работа, туку обврска и било да стави само печат.
На претходното рочиште сведочеше медицинска сестра од Клиниката за онкологија која изјави дека во три случаи, кога имало недостиг на лекови, лично добила терапија од тогашниот директор Нино Васев.
Таа ја опиша ситуацијата кога лекот „тецентрик“ не бил достапен во болничката аптека, но ѝ бил предаден од директорот во неговата канцеларија, во присуство на сопругата на пациентот.
Медицинската сестра исто така сведочеше дека дозата на лекот била менувана во еден од извештаите, а при попис во 2022 година фалеле 90 ампули „гемзар“ и уште 40 ампули исчезнале од работната маса, случаи што биле пријавени и во полиција.
Нино Васев и Нехат Нухи, во случајот Онкологија 2 се обвинети за злоупотреба на службената положба, измама и проневера.
Марија Митевска
