Изживување и малтретирање трпеле луѓе сместени во домови за стари лица. Органите на прогонот открија две установи во Скопје, во кои се случувал вистински хорор – физичко и психичко насилство, по двајца спиеле на единечен кревет, им давале храна со изминат рок, a им биле давани и лекови кои не биле препишани од лекар.
За ова се осомничени две жени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во главниот град.
Двете установи, во периодот од 2022 година до денес, не ја вршеле дејноста во рамки на издадените дозволи. Сместувале корисници над дозволениот капацитет, неуредно ја воделе пропишаната евиденција и не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, а не воделе ниту евиденции за одржување на личната хигиена на луѓето.
Немало доволно стручен кадар на смена, ниту, пак, обезбедено четири дневни оброци, според условите издадени од Министерството за социјална политика.
„При извршените претреси во двете установи, од кои едната на улица „Рудо“ во Бутел, а другата на улица „Козара“ во Центар, утврдено е дека двете осомничени како лица што постапуваат во службено својство вршеле физичко и психичко насилство, со цел да им нанесат физичка и душевна болка. Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници, стари лица, иако имала дозвола за само 21 лице. А, заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници, стари лица иако имале дозвола за само 17 лица“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Обвинителството донесе наредба за спроведување на истражна постапка против две лица осомничени за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Малтретирање во вршење на службата“.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за двете осомничени. Предлогот е прифатен и на осомничените им е определена притворска мерка.
„За услугата која не исполнувала стандарди и законски услови, од корисниците и нивните блиски наплаќале значителен паричен износ. Месечно од двата објекти остварувале имотна корист во вкупен износ од 2.232.000 денари. По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување“, информира Јавното обвинителство.
Згрижување на лице во двата домови чинело од 40.000 до 60.000 денари месечно.
Петар Догов
Б.С.
