На почетокот имаше подобрување од терапијата, а потоа кажа дека не чувствува ништо, како да не прима терапија. Ова денеска го сведочеше Алексадар Гаќев, чија покојна сопруга се лечела на онкологија, но се откажа од оштетно побарување и кривично гонење на првообвинетиот Нино Васев, поранешен директор на клиниката. Првично доктор на неговата сопруга била Мери Пешевска, но Васев се понудил да помогне со како што рече сведокот, експериметална австриска програма. На пациентката и се појавила и рана на градите. Кога отишле на преврска сестрата случајно ја закачила со престен и се отворила раната, која потоа постепено се проширувала.
За постапувањето на Васев сведочеше дека во секое време биле примани. Никогаш не повишил тон или нешто побарал. Докторот беше пристапен и коректен спрема нас, рече сведокот. Одбраната на Васев приговараше дека не станувало збор за експериметнала програма и побараа да не се сослушуваат сите сведоци.
- „Тие си ги кажуваат нивните емоции поврзани со нивната загуба за која што сите ние жалиме подеднакво, меѓутоа тоа не се факти врз основа на кои се утврдува вина на лекар. Тоа се само емоции и нивни посредни забележувања. Еве и денешниот сведок кажа најубаво за доктор Васев, меѓутоа тој несакајќи користи термини кои веднаш другата страна ги злоупотребува. Користи термин експериментална постапка, а всушност се работи за универзитетска клиника која што има студии во рамките на своето работење и со согласност на пациентите за одредени случаеви врши студии за да извлече заклучоци за во иднина и подобро да ги лечи пациентите“, изјави Боби Спирковски, адвокатот на Васев.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска одговори дека одбраната имплицира на злоупотреби од страна на обвинителството иако прашањата се поставуваат согласно одговрите на сведокот.
Од одбраната на Васев приговара и дека не добиле целосен одговор за нивното барање за изземање на обвинителката, а воедно побараа и изземање на технички советник на обвинителството, докторот Милан Ристевски, кој е онколог и судски вештак.
Во случајот обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за несовесно лекување. Докторката Мери Пешевска призна вина дека и биле злоупотребени факсимилот и лозинката и доби условна казна. Судењето продолжува на 22 октомври.
Марија Митевска
Б.С.
