Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против две лица од Скопје, сопственички на два приватни дома за стари лица, поради сомнение за продолжена злоупотреба на службената положба и малтретирање при вршење на службата.
Според информациите од МВР, домовите не работеле согласно законските дозволи – сместувале повеќе лица од дозволениот капацитет, немале соодветен стручен кадар, служеле храна со изминат рок, а дел од корисниците биле заклучувани и им била давана неподобна терапија.
Утврдено е и физичко и психичко насилство врз старите лица.
Домовите се наоѓаат во скопските населби Бутел и Центар, а од нивната работа месечно се стекнувале со имотна корист од над 2,2 милиони денари.
По налог на обвинителство, домовите се затворени, а штитениците се префрлени во безбедни услови со помош на надлежните институции.
