Вести Македонија Најважни

Предлог за укинување на ветото за технички прашања, останува за влегување во ЕУ

Иницијативата за гласање со квалификувано мнозинство, наместо едногласно, во процесот за проширување на Европската унија, може да го забрза преговарачкиот процес со земјите кандидати и да ја зголеми предвидливоста, но не предвидува укинување на ветото за почеток на преговорите и за влегување во Европската унија. На крај, повторно ќе биде потребна согласност од сите членки за прием на нова.

Австриската министерка и словенечката државна секретарка, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани во Скопје нагласија дека 16 од 27 земји-членки на ЕУ ја поддржуваат иницијативата која сега е во рацете на Европската комисија, но оти е потребна политичка волја за прифаќање на гласањето со квалификувано мнозинство.

„Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство за влегување на нови земји во ЕУ со цел да се намали бирократијата. За процесот на пристапување ќе биде неопходна едногласност, меѓутоа ќе се намалат билатералните напнати односи“, вели Клаудија Плаколм, Сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство на Австрија.

Германија и Словенија уште минатата година доставија нон пејпер, кој предвидува одлуките во процесот за проширување да се носат ако ги поддржат 55 отсто од земјите членки, ако во нив живее 65 отсто од населението во ЕУ. Како компромис се предлага мнозинство од 65 отсто од земјите членки во кои живее 72 отсто од населението. Во ЕУ веќе има дебата за ова прашање, но согласност не е постигната.

„Дополнително на гласањето со квалификувано мнозинство, заедно со Германија, Италија и Австрија дадовме поддршка, со писмо до комесарката Кос, навистина да се поедностави овој методолошки процес. Како што рече госпоѓата министерка, сега тоа е кај Европската комисија. Ние ја дадовме нашата политичка поддршка и политичката поддршка од 16 земји-членки“, вели Нева Грашич, државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања на Словенија.

Муртезани вели дека блокадите на евроинтеграциите поради билатерални прашања не им штетат само на кандидатите, туку и на стратешкиот интерес на ЕУ.

„Гледаме дека за жал тоа веќе станува пракса и не им штети само на интересите на земјите кандидатите, туку и на стратешкиот интерес на ЕУ, особено поради фактот што го отежнува пристапувањето и остава простор за, условно речено, злоупотреба за билатерални интереси во  процесот на пристапувањето. Промените, како што се најавуваат, би решиле голем дел од нашите грижи или тоа што ние го посочивме како извор на понатамошни билатерализации или проблеми во нашето пристапување“, вели министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Дебатата за укинување на ветото при одлучувањето во ЕУ е дел од пошироката дебата за зголемување на ефикасноста на Унијата. Уште во 2023 година, седум земји од ЕУ – Белгија, Германија, Луксембург, Романија, Словенија, Холандија и Шпанија, предложија поголема употреба на квалификуваното мнозинство при носењето одлуки поврзани со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран изврши напади со беспилотни летала врз Бахреин и Кувајт – Трамп се заканува „САД ќе бидат принудени воено да ја завршат работата“

Дејан Дејан

Мајка од струшко ги оставала своите две малолетни деца да спијат во возилото додека била на работа

Дејан Дејан

Врачување на највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата на манифестацијата „Мостови“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе