Повторно скок на основните трошоци за живот. Синдикатот со апел минималната плата веднаш да се зголеми. Нивните пресметки покажуваат дека во јули кошничка е потешка за 630 денари, во споредба со претходниот месец. На едно четиричлено семејство за да го истурка месецот му се потребни над 65 илјади или над 80 илјади денари ако се вклучи и кирија за стан.
Според, анализата на ССМ од април до сега, само храната и пијалаците поскапеле за над 10 отсто.

Бараат државата да почне со преговори за повисока минималната плата, но и да се воведат мерки. Велат дека бројките од кошничката се доволен показател дека треба веднаш да се делува.
Животот во Македонија станува се поскап, а платите се недоволни за овозможување на најосновните услови за достоинствен живот и затоа е потребно зголемување на минималната плата и на сите останати плати во државата, изјави Светланат Димовски
Премиерот Мицкоски конкретно не одговори дали и кога би можело да се донесат мерки со кои би се држеле цените под контрола, но смета дека наместо една треба да има пет кошнички, за самец, за млад брачен пар, за тричлено и четиричлено семејство, и за пензионери со образложение дека сите имаат различни потреби. Овој предлог ќе биде разгледан и на новата средба помеѓу владата, синдикатите и работодавачите која се очекува да биде деновиве.
Мицкоски до сега неколку пати кажа дека мерки ќе има многу скоро. Последните истекоа на крајот на април.
Освен ССМ, претходно и статистика излезе со алармантни податоци за цените. Нивните анализи покажаа дека зеленчукот за една година поскапел за близу 50 отсто, овошјето за над 20 проценти, а скок кај цените е забележан и кај другите производи, млекото, сирењето, јајцата, маслото лебот мастите.
Инфлацијата пак во јуни е 4, 5 отсто. Очекувањата на Владата се дека годинава ќе се заврши со стапка од само 2, 8 проценти.
Ирена Чачкова
