Истрагата за претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска е при крај, а во наредните денови обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе се произнесе дали ќе ѝ поднесе обвинение или постапката ќе сопре. Димитровска е осомничена за оддавање на службена тајна на ексдиректорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“. Истрагата беше отворена на 24 април, кога ѝ беше одземен пасошот и забрана да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК.
„Во однос на предметот за кој покажувате интерес, постапката е во завршна фаза и наскоро ќе следува јавнообвинителска одлука. Мерките на претпазливост се на сила“, информираат од ОЈО ГОКК.
Ајфонот на претседателката на Аниткорупциска беше анализиран во форензичката лабораторија во обвинителството. Обвинителката во „Адитив“, Наташа Поп Трајкова уште во мај рече дека од податоците од мобилниот телефон на Димитровска се екстрахирани и дека се работи на голем број електронски податоци кои се анализираат.
Откако беше отворена истрагата, Димитровска се огласи дека нејзината комуникација била со семеен пријател, пред да биде покренато обвинение против него, односно пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Дел од споделените информации со него биле јавни документи чија содржина веќе била објавена, а останатиот дел бил вообичаена пријателска комуникација, напиша тогаш Димитровска. Таа тврдеше дела немала никаква намера да влијае на постапката или на кој било аспект на истрагата.
Како што претходно објави КОД на Телма, во телефонот на Стојановиќ, претседателката на Антикорупциска била запишана како Татјана ДКСК. Истражителите извадиле стотици пораки. Во тие пораки испраќани преку апликациите Вибер и Ватсап се најдени фотографии од документи кои биле содржани во предмети на Антикорупциската комисија, а поврзани со теми и случаи кои што биле поврзани со Небојша Стојановиќ.
Комуникацијата меѓу Стојановиќ и претседателката на ДКСК траела до месец декември во 2024-та, кога во рамки на истрагата „Адитив“ биле одземени телефоните и другите ИТ комуникациски уреди на Стојановиќ.
Елена Ивановска Мукоска
