Вести Економија Топ вести

Помал раст на економијата, поголема стапка на инфлација – НБРМ ги ревидираше прогнозите

Советот на Народната банка во последниот квартален извештај ја намали проекцијата за растот на македонската економија. НБРМ прогнозира дека БДП до крајот на годината ќе порасне за три проценти, наместо претходните 3,3 отсто.

„За оваа година се очекува раст од 3%, што претставува мала надолна ревизија во однос на октомвриската оцена, во услови на понеповолно надворешно окружување. За периодот 2026 − 2027 година, оцените и понатаму покажуваат раст на економската активност од 4%“, се наведува во соопштенитео.

Понатаму, се очекува дека главен носител на економското закрепнување ќе бидат пред сè инвестициите, поддржани од јавниот инфраструктурен циклус и странските инвестиции.

„Позитивен поттик се очекува и од личната потрошувачка, во услови на раст на расположливиот доход и на кредитирањето. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни“, се наведува во соопштението.

Дополнително, се очекува натамошен тренд на забавување на инфлацијата.

„Најновите оцени упатуваат на просечна стапка на инфлација од 3% во 2025 година, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5%. Оваа промена ги одразува малку повисоките остварувања во првиот квартал оваа година, но и нагорните ревизии на оцените за цената на суровата нафта и на основните прехранбени производи на светските берзи“, се наведува во соопштението.

Сепак, и натаму се очекува дека инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2% во 2026 година и ќе се задржи на тоа ниво и во 2027 година. Ризиците за инфлацијата во најголема мера се поврзуваат со геополитичките тензии, трговската неизвесност предизвикана од протекционистичките политики, нарушувањата на синџирите на снабдување и климатските фактори.

Советот на НБРМ за годинава предвидува умерено продлабочување на дефицитот на 3,2% од БДП.

„Ваквите поместувања во најголем дел ќе произлезат од понискиот суфицит кај секундарниот доход, согласно очекувањата за стабилизирање на номиналниот износ на нето-приливите од приватните трансфери, како и од проширувањето на дефицитот на стоки и услуги. За преостанатиот период на проекцијата, 2026 − 2027 година, се очекува подобрување на тековната сметка, при проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,7% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од странските директни инвестиции и долгорочното задолжување на државата. Значајно е да се напомене дека во целиот период на проекцијата се очекува задржување на девизните резерви на соодветното ниво.

Банкарскиот систем и понатаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка за економијата. До крајот на 2025 година, се очекува дека кредитниот раст ќе изнесува 9%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,3% за периодот 2026 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките.

„Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2025 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,5%, а на среден рок за периодот од 2026 до 2027 година од околу 7,7%, во просек“, се наведува во соопштението на НРБМ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протест на пелагониските сточари за лошата состојба во земјоделството

Дејан Дејан

На 58 повредени во пожарот во Кочани веќе им е дадена компресивната облека

Дејан Дејан

Граѓаните во банките најмногу се задолжиле со потрошувачки и станбени кредити

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе