Претседателката Гордана Силјановска Давкова за нов гувернер на Народната Банка го предложила Трајко Славески, потврдија за Телма од кабинетот на Силјановска.
Трајко Славески е актуелен претседавач на Советот на град Скопје во кпј е избран како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Славески е универзитетски професор на скопскиот Економски факултет.
Од 2006-та до 2009-тата беше министер за финансии, но беше разрешен по несогласувањата со Никола Груевски за начинот на трошење на буџетските пари. Какп економист и експерт за монетарна политика, Славески е приврзаник за помало и поефикасно трошење на парите на граѓаните.
Во игра за 7-годишен гувернерски мандат беа и Зоран Ставревски, актуелен советник на премиерот Мицкоски кој беше министер за финансии од 2009-та до 2016-та и досегашната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска.
Предлогот за Славески е стигнат во Собранието, известува новинарката на Телма Далиборка Демјанска Цветановска.
Собранието со просто мнозинство го избира гувернерот по предлог на претседателот на Републиката. Гувернерот е клучна фигура во креирањето на монетарната политика и една од трите функции кои се назначуваат или предлагаат од претседателот на Македонија.