Уште едно скандалозно однесување на фудбалски клуб во домашното првенство. На пет минути пред крајот на натпреварот во моментот кога Работнички поведе со 2:1, фудбалерите на Гостивар на иницијатива на раководството на клубот го напуштија теренот.
Ништо не навестуваше дека дуелот на двете екипи кои се борат за настап во Конференциската лига на УЕФА нема да го дочек крајот.
Гостивар поведе со голот на Ли Ервин во 67. минута. Истиот играч поради груб старт и тоа по прекин на играта оправдано доби црвен картон и од 76. минута домаќините играа со фудбалер помалку.
Во 79. минута, Матеј Ангелов израмни на 1:1, а во 84-тата, Крис Дејли се запиша во листата на стрелци за предност на Работнички од 2:1.
Веднаш потоа на инсистирање на раководството на клубот, играчите на Гостивар го напуштија теренот. Судиската тројка на чело со Игор Стојчевски чекаа 15 минути фудбалерите да се вратат на теренот, но откако тоа не се случи, означи крај на натпреварот.