Вести Македонија Топ вести

Насоките на Антикорупциска се чекор назад кон транспарентност во јавните набавки

Транспарентноста во јавните набавки мора да се зголеми, а не да се ограничи и сите документи поврзани со трошењето на државните средства мора да бидат достапни за граѓанските организации и медиумите на увид за да се спречи корупцијата. Ова е став на граѓанските организации, како и на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер откако Антикорупциската комисија при анализа на Законот даде насоки со кои граѓанскиот сектор смета дека се дава можност за затварање на институциите во поглед на отчетноста при трошење на државните средства.

Антикорупциската комисија бара да се преиспита членот кој ја регулира обврската објавување на целокупната документација за јавните набавки и да се допрецизира поимот целокупна документација за да се не објават класифицирани информации или деловни тајни.

„Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е невозможно да се предвидат сите информации кои треба да ги објавуваат имателите. Информациите кои треба да ги објавуваат произлегуваат од нивните надлежности, не може во законот сите закони да бидат опфатени. Јас не сум сретнала во досега јавни набавки да се барало или  одговор од институција дека имало доверливи содржини бидејќи во нашиот закон не се познава деловна тајна како исклучок. Јас лично сметам дека било какво ограничување во делот на пристап до информации од јавен карактер би значело чекор наназад во поглед на она што го постигнавме изминатите години“, изјави Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап.

Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап, смета дека констатацијата на Антикорупциска дека прекршочните одредби не треба да се само против службени лица е исправна.

Од Центарот за граѓански комуникации сметаат дека насоките на Антикорупциската комисија се штетни, бидејќи токму преку слободниот пристап се откриени голем број на финансиски малверзации за кои имало и има судски процеси.

„Со овој свој став всушност Државната комисија покажува непознавање на целокупната законска регулатива, бидејќи доверливите податоци како тие што ги велат колоквијално, всушност станува збор за информации кои се класифицирани со степен строго доверливо или доверливо, се веќе регулирани со посебен закон. Законот за слободен пристап се однесува на информации кои не се класифицирани. Доколку се направат некакви измени и ограничувања ние ќе им дадеме простор на институциите кои сакаат да ги прикриваат информациите да се повикаат, еве ова се доверливи податоци и да го цитираат тој некој потенцијално нов член во Законот за слободен пристап до информации и да го ограничат пристапот до податоците“, изјави Сабина Факиќ, Центар за граѓански коуминикации.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска излезе со реакција околу насоките на Антикорупционерите и сметаат дека со ова се испраќаат загрижувачки сигнали за затворање на институциите.

„Листата на информации којашто имателите мораат да ја креираат за да им помогнат на граѓаните со што се располагаат подразбира во законот дека тоа треба да бидат сите информации освен исклучоците кои законот ги предвидува во мал дел. Формата е убаво дефинирана во Законот, даде е пристап до документи во било која форма од слики до географски карти и шеми, се што може да замислите. Цениме дека овие насоки кои ги дава ДКСК сериозно ќе ја загрозат досега воспоставената транспарентност а знаеме дека причинско последична врска има помеѓу транспарентноста и корупцијата, колку е таа помала толку е ризикот од корупцијата е повисок“, изјави Данче Даниловска – Бајдевска , Платформа на граѓански организации за борба против корупција.

Антикорупциската процена на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е предвидена со годишниот план за 2024 година, но во делот околу зголемување на транспарентноста при вработувањето во јавната администрација, а не околу јавните набавки.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тошковски: Се надеваме дека за краток период ќе се затвори истрагата за пожарот во Кочани

Дејан Дејан

„Алчноста ни ги уби децата“ – Нов марш за правда за жртвите во пожарот во Кочани. Семејствата незадоволни од истрагата

Дејан Дејан

Доларот во пад додека реципрочните царини меѓу Кина и САД без епилог

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе