Вести Македонија Топ вести

Полиција на секој чекор – ниска сообраќајна култура, но помалку несреќи

По трагичната смрт на младата Фросина, полицијата врши контроли на секои стотина метри низ главниот град. Сепак граѓаните со недоверба гледаат на тие мерки. Сметаат дека тоа нема да ја подобри сообраќајната безбедност. Според нив сообраќајната некултура е длабоко вкоренет проблем што нема да се реши со неколку казни или привремени мерки.

„Отсекогаш, уште од кога знам за Скопје не се возело како што треба. Од страна на возачите има чести прекршоци. Тие воопшто не се толерантни и не ги почитуваат правилата“, вели жителка. 

„Младите возачи се проблем. Јас живеам во зграда кај булеварот „Јане Сандански“ и мислам дека таму возат по 120 километри на час. Тоа е страшно. Очекувам дека кога ќе почнат да функционираат камерите ќе биде подобро“, вели жител.

„Не, јас сè уште мислам дека не е подобрена сообраќајната култура“, заклучува граѓанка.

„Многу е рано. Не може со неколку дена казни од полицијата да има големи резултати. Тоа е поголем процес, треба да поминат години“, смета граѓанин.

Министерот за внатрешни работи Тошковски вели дека засилените полициски контроли во последните дваесетина дена довеле до значително намалување на сообраќајните несреќи.

„Констатирано е дека за овие дваесетина дена сообраќајните незгоди со тешки телесни повреди се намалија за 30 отсто, сообраќајните незгоди со телесна повреда се намалени за 24 отсто. Вкупниот број на сообраќајни незгоди е намален за 13 отсто“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Обвинителството издаде насоки за итно постапување во случаи на тешки сообраќајни прекршоци, како што се возење без дозвола, поминување на црвено, прекумерна брзина, пијанство и бегство од местото на несреќата. Полицијата е задолжена да ги собира доказите, вклучувајќи ги и претходните прекршоци на осомничените, за построго санкционирање на повторувачите. Целта е побрз и поефикасен кривичен прогон, како и спречување на опасното возење што ја загрозува безбедноста на граѓаните.

Насоките налагаат задолжително итно постапување во ситуации кога при сообраќајна несреќа кај возачот/возачите е констатирано управување со возило без возачка дозвола, поминување на вклучено црвено светло на семафор, очигледна прекумерна брзина,  состојба на пијанство, возење во спротивна насока, како и преминување на двојна полна линија. Итна постапка ќе се води и во ситуации каде возачот го напуштил местото на несреќата и не укажал помош на повредени пешаци или други лица. Итното постапување на полициските служби во вакви ситуации ќе му овозможи на јавниот обвинител да изврши процена дали и со какви мерки треба да го обезбеди сторителот во текот на кривичната постапка и да ги заштити граѓаните од евентуално повторување на неговите дејствија“, соопштија од Основно јавно обвинителство.

За зголемување на безбедноста во сообраќајот, надлежните го најавуваат проектот „Безбеден град“, кој предвидува поставување на сообраќајни камери во Скопје, Куманово и Тетово. Камерите ќе имаат 24-часовен надзор, автоматска детекција на прекршоци и идентификација на несовесните возачи. Иако првично беше најавено дека камерите ќе бидат функционални до крајот на 2024 година, сепак нивното активирање е одложено поради потреба од измена на неколку закони.

 Тамара Марковска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Meциновиќ: Постои ли стратегија за домовување со оглед што 300 илјади станови се празни, а повеќето од младите се под кирија?

Tea Dimkovska

ЕП: Идентитетот надвор од пристапување – историската комисија да постигне резултати

Tea Dimkovska

Мицкоски смета дека опозицијата има “уплав од избори“ – СДСМ е на став дека кога владата ќе снема пари тогаш човекот ќе оди на избори

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе