Македонија е на врвот на европската листа по бројот на починати лица поради изложеност на ПМ 2,5 честичките со 303 од 100.000 жители изложени на нив. Шеснаесет отсто од починатите во 2022 година починале прерано поради загадениот воздух. Висок е процентот и на лица со мозочен удар, како директна последица на загадувањето.
Екоактивистите велат дека најголем извор на загадување е сиромаштијата, односно греењето на дрва и токсични материјали, но и РЕК Битола кој е детектиран како еден од најголемите загадувачи.
Еден од најголемите локални проблеми, пак, е немањето на еколошки инспектори. Законот дозволува меѓуопштинска соработка, но таа во пракса не се применува. Грижата се очекува на државно ниво, а таму има само 14 еколошки инспектори. Екомафијата се служи со секакви методи за да ги замолчи екоактивистите кои, пак, наоѓаат вина во сите досегашни влади.
Од Здружението на млади правници имаат поднесено две тужби во судовите во Скопје и во Битола, против владата, Град Скопје, министерството за животна средина и Општина Битола, како и постапки за загаден воздух, диви депонии и неправилно управување со отпад.
Сите се отфрлени, а една е пред Судот во Стразбур.
На надзорната расправа, екоактивистите укажаа дека не може да се каже дека ситуацијата може да се промени веднаш, решенијата може да траат подолг период, но под итно треба да се почне од негде затоа што здравјето на граѓаните треба да биде на прво место.
Далиборка Демјанска Цветановска
