Од денес на сила се владините мерки за ограничени маржи и највисоки цени за над илјада производи кои ќе траат до 30 април а ефектите од намалувањето на цените ќе може да се видат од месечните пресметки на Државниот завод за статистика и минималната кошничка на Сојузот на синдикати на Македонија.
За само еден месец пак, трошоците во минималната кошничка која ги содржи 63те најосновни продукти се зголемиле за 521 денар и таа сега изнесува 63.773 денари. Поскапувањето во делот на храна и пијалаци е 229 денари а најмногу скокнале цените кај млечните производи како путерот и урдата и кај дел од зеленчукот.
Ако се спореди со февруари минатата година пак, синдикалната кошничка е потешка за 6.297 денари а делот на храна и пијалаци поскапел за 2.208 денари.
„За жал и новата пресметка на февруарската синдикална минимална кошничка покажува дека трговците повторно ги зголемуваат цените на грбот на граѓаните и работниците, особено користејќи го периодот од една до друга мерка кои ги креира Владата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Од Синдикатот се на став дека одлуката на Владата е исправна особено во делот на времетраењето.
„Владата утврди мерка која ќе овозможи санкционирање на овие нефер трговски практики, овозможи со мерката да се намалат за најмалку 10 проценти цената на овие производи кои се таксативно наведени и кои не можат да ги избегнат трговците и ги прифати забелешките на Сојузот на Синдикати на Македонија кои ги укажуваме од септември минатата година“, вели Трендафилов.
Владата во вторникот донесе одлуки за скалести маржи од 5,10 односно 15 отсто на 102 групи производи и замрзнување на цени на 8 производи на нивото од 1 февруари.
Шеќерот, млечни производи, маргарин, путер, грав, конзервиран зеленчук и овошје, газирани сокови, пиво, вино ќе бидат со маржа од 10 проценти, а со 15 дел од свежото овошје и зеленчук, детергенти, средства за хигиена, и бебешка храна.
Новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало владините одлуки ги оцени како избрзани и сметаат дека ќе нанесат штета, ќе испратат негативна порака до потенцијалните инвеститори и ќе го доведе во прашање функционирањето на членките на оваа Комора кои вработуваат 4.700 лица.
Оттаму побараа итна средба со Владата. Одлуките ќе траат до 30 април.
Огнен Чанчаревиќ